Алтернатива се наклонува кон власта, во игра две министерски места


Расположението на мнозинството членови на Алтернатива е за влез во Владата, изјавиле за „Слободен печат“ од партијата. Високи функционери велат дека нема да бараат влакно во јајцето за да ја одбијат понудата, туку прифаќање на нивните програмски определби.

Централното претседателство на Алтернатива утре вечер треба да реши дали ќе продолжат разговорите со премиерот Зоран Заев за зголемување на мнозинството во Собранието или ќе останат во опозиција. СДСМ, пак, на седници на Централниот и на Извршниот одбор, според најавите, утре ќе расправа за оставките на Заев од партиската и од премиерската функција, со што ќе почне постапката за избор на нов партиски лидер.

Клучно за Алтернатива е програмските определби на партијата да бидат дел од програмата на Владата, но и добивање министерски и директорски места за да се реализираат нивните барања. За Алтернатива не е битно дали ќе има нов мандатар, туку реализација на нивната програма, но додаваат дека ако има нова влада, тоа ќе значи нови преговори за поделба на владиниот колач. Од Зоран Заев побарале еднаков третман како кон ДУИ.

Според функционери од Алтернатива, Гаши на средбата со Заев на маса ставил 7 до 8 барања кои се битни за нив како услов да се биде дел од власта. Приоритети на Алтернатива се да нема отстапување од евроинтеграцискиот процес, правда, односно повторни судења за неколку политички монтирани случаи, за кои треба да има и странска експертиза. Меѓу барањата се и развој на Липковскиот Регион, каде што, според Алтернатива, по конфликтот од 2001 година не се подобрени состојбите. Заинтересирани се и за социјалната политика, односно да се обезбедат пари и помош за трето дете.

„Тоа бара и промени во законската постапка, врзана со извршителите, но и уредување на сферата со казината, односно ограничувања – каде и колку обложувалници да има“, велат од Алтернатива.

Лидерот на партијата Африм Гаши наводно побарал од Заев и да се утврдат рокови за реализација на проектите. За Алтернатива е битно и Владата да го истурка мандатот докрај.

Како што дознава „Слободен печат“ на Алтернатива ќе ѝ бидат понудени две министерски места, и тоа од некои од ресорите образование, здравство, труд и социјала, култура или земјоделие. Алтернатива бара гаранции и за заменици министри, но и повеќе директорски места.