„Алкалоид“ и во 2025 година очекува раст на продажбите, добивката, вработувањата и на инвестициите
Македонската фармацевтска компанија „Алкалоид“ и во наредната 2025 година предвидува да продолжи со трендот на континуирано успешното работање и со позитивни финансиски резултати.
Во Бизнис планот за 2025 година, објавен денес на Македонската берза, се вели дека идната година се предвидува консолидирани продажби од над 332 милиони евра, што претставува раст од 8 отсто во однос на очекуваните за 2024 година. По профитни центри, 90 отсто од консолидираните продажби се очекува да ги реализира ПЦ „Фармација“, а 10 отсто ПЦ „Хемија, козметика и билкарство“.
Се очекува 32 отсто од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 отсто од извоз.
Планираниот биланс на успех предвидува раст од 9 отсто на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од најмалку 7 отсто во однос на очекуваната за 2024 година.
Компанијата исто така планира да продолжи со интензина инвестициска активност.
„Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении ‘Алкалоид’ АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра“, се посочува во бизнис-планот.
„Алкалоид“, во декември 2024 година регистрираше ново капитално поврзано друштво со назив „Алкалоид енергетика“ ДООЕЛ Скопје, со цел производство на електрична енергија.
„Имајќи ги предвид заложбите на ‘Алкалоид’ за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESG стратегија и напорите за одржлив развој, овој потег е од исклучителна важност во нивното остварување. Проектот предвидува изградба на фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво“, се вели во Бизнис-планот.
Притоа, се додава дека со овие капацитети ќе се овозможи од 75 до 85 отсто од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на „Алкалоид“ да биде од сопствени обновливи извори.
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност.
Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, планот за 2025 година предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 м2 .
„Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи. Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестирање на околу 8 отсто од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства“, се нагласува во Бизнис-планот.
Фокусот е ставен и врз истражувањето и развојот, при што се посиочува дека во „Алкалоид“ повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на „Алкалоид“, со грижа за заштитата на животната средина, како и на здравјето и на безбедноста при работа.
Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите. Бизнис-планот во 2025 година предвидува раст од најмалку 10 отсто на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.
Во Бизнис планот исто така се посветува внимание и животната средина и општествените прашања (ESG), при што се посочува дека изминатите две години како стратешки императив и приоритет беше поставено воведувањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за известување во компанијата. Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во „Алкалоид“ со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2025 година во „Алкалоид“ и во друштвата во странство очекуваат околу 100 нови вработувања.
„Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен“, се вели во Бизнис-планот.
Инаку, акциите на „Алкалоид“ котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2024 година се движеше од 18.151,00 до 29.000,00 денари или просечно 21.715,11 денари за една акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2024 година изнесуваше 28.299,00 денари.
Пазарната капитализација на компанијата во декември 2024 година изнесува 40 милијарди денари.
Во однос на дивидендната политика се вели дека менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.
Бизнис-планот на компанијата за 2025 година е донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ на седницата одржана на 27.12.2024 година.
„Алкалоид“ AД Скопје е компанија која повеќе од осум децении и половина работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и на производство на козметички и на хемиски производи.
Во рамки на акционерското друштво работат два профитни центри: Фармација и Хемија, козметика и билкарство.
Има пет капитално поврзани друштва во земјава, како и 22 капитално поврзани друштва и две претставништва во странство (Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Швајцарија, Бугарија, Турција, Украина, Руската Федерација, Казахстан, САД, Велика Британија и Романија).
Компанијата брои 2.300 вработени во земјава и 730 вработени во друштвата и во претставништвата надвор од Северна Македонија.
„Алкалоид“ при извршувањето на своите деловни операции се потпира на највисоките етички норми и стандарди. Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари.
Како што се посочува во Бизнис – планот, визијата на „Алкалоид“ како глобално ориентирана компанија е да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција, а мисијата е постојано да тежнее кон поздрав свет, супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и континуиран успех.
„Наш императив е заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, како и на сите вклучени страни, а основната определба е ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ“.