Алиу: Во политиката сум за да менувам работи, а не само да давам поддршка
Министерот за здравство Азир Алиу порача дека неговиот политички ангажман не е поврзан со функцијата што ја извршува, туку со желбата да придонесе за промени во општеството.
Тој истакна дека ќе продолжи да работи во интерес на граѓаните без оглед дали во иднина ќе биде министер, професор или експерт.
„Дали мојот придонес ќе биде како министер, како експерт или како професор – не знам. Но, имам обврска кон луѓето кои веруваат во мене и нема да застанам тука, без разлика дали сум или не сум министер за здравство“, изјави Алиу.
Тој потсети дека активно се вклучил во политиката во 2017 година, најпрво со цел да помогне во политичките процеси, но дека денес, по девет години политичко искуство, неговата мотивација е поинаква.
„Денес, од оваа перспектива, после девет години активно учество во политиката, јас сум во политиката за да променам нешто во општеството, а не само да давам поддршка. Веќе имам политичко искуство и сметам дека можам да придонесам со конкретни промени“, рече министерот.
Алиу нагласи дека функциите не зависат секогаш од поединецот, но дека личните вредности, интегритетот и политичкиот ангажман се нешто што секој сам го гради.
„Можеби функциите не зависат од мене, но политичката активност што ја имам и вредностите што ги носам зависат од мене. Тоа никој не може ниту да ми го даде, ниту да ми го одземе. Ќе продолжам да придонесувам за ова општество на начин на кој ќе ми биде овозможено“, порача Алиу.
Денеска тој ги презентираше придобивките од програмата EU4health, во која Македонија членува од пред некој ден, а претходно додека беше министер за дигитална трансформација ја внесе земјава во Европската програма за дигитализација.