Алиу: Не е здраво со години да бидете на политичка функција!
Министерот за здравство Азир Алиуне открива дали и во кој ресор ќе ја продолжи својата политичка кариера, имајќи ги предвид најавените смени во Владата и промена на ресорите помеѓу владините коалициски партнери.
Алиу одговарајќи на новинарско прашање изјави дека неговиот политички ангажман не е поврзан со функцијата што ја извршува, туку со желбата да придонесе за промени во општеството.
– Јас не сум ја почнал мојата кариера со политичка функција и не верувам дека ќе ја завршам мојата кариера со политичка функција бидејќи тоа не е здраво прво за мене, а второ за политичката инфраструктура во земјата да имате човек којшто со години ќе биде на политичка функција. Тоа не е здраво – рече Алиу.
За него се поважни резултатите што некој со својата работа ќе ги остави, како оние што биле постигнати додека тој беше на чело на МИОА.
Алиу рече дека секој ден работи како да му е последен ден на работа, а дали ќе остане министер, според него, треба да одговорат институциите.
– Ова е институционално прашање. Не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс за да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција затоа институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство или во овој случај на Министерство за здравство – рече Алиу.