Алиу: Не е точно дека денес ќе поднесам оставка

Министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу денеска на прес-конференција кажа дека не е точно дека ќе поднесе оставка, иако имало шпекулации во јавноста дека министерот, како што вели ќе се откаже од тој предизвик.
„Кога станувате министер предложени сте од политичка партија. Јас сум министер од Алијанса на Албанците. Ако некој ми каже во очи дека овие закони се поврзани лично со моето име ќе дадам денеска и сега оставка. Досега ми е кажано дека овие закони не се во постапка заради причини во кои не верувам, но ако тоа се докаже јас ќе дадам оставка пред мојата политичка партија, ќе барам таа да биде усвоена и после тоа ќе поднесам до Владата“, кажа министерот.
Според него станува пракса законите да поминат на Влада, а потоа да заглавуваат во Собрание, иако се со ЕУ знаменце и по скратена постапка.
„Не гледам причина зашто законите да не бидат во процес. Јас ќе опстојам до крај законите да се донесат. Не може да има систем кој зависи од волјата или условувањето од индивидуи. Или работите ќе течат јасно, по однапред поставена процедура и чекори или системот ќе се гуши во кал. Или македонскиот систем ќе се реформира како што треба или ќе пропадне во крпениците коишто ги правиме. Пакетот закони што ги предлага МИОА треба да се донесат час поскоро„, порача Алиу на попладневната прес конференција.