Алиу најави нов закон за лекови – побрзо одобрување нови
Министерот за здравство Азир Алиу на денешната прес-конференција најави дека следната недела на ЕНЕР ќе биде објавен нов закон за лекови усогласен со европските стандарди.
Потенцира дека актуелното законско решение за лекови е застарено и се јавила потреба да се усогласи со европските регулативи. Информира дека на новото законско решение се работело три години.
– Со законот воведуваме современи решенија за поефикасни, побрзи постапки за одобрување и регистрација на нови лекови. Воведуваме систем за следење на снабдувањето и навремено спречување недостиг на лекови и воведуваме напредни електронски системи за следливост и анализа на потрошувачката. Сакаме да изградиме поефикасен побезбеден систем за сите граѓани – рече Алиу.
Тој додаде дека со законот се зајакнува контролата на лековите во сите фази, а во врска со следењето на несаканите дејства се воведува организирано следење на безбедносните сигнали, подобра координација меѓу Министерството за здравство, Фондот за здравство и Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД) преку дигитализација на процесите за интероперабилност меѓу институциите.
– Клиничките испитувања ќе бидат усогласени со ЕУ-регулативата и ќе бидат во согласност со начелата на Водичот на добра клиничка пракса за поголеми права на испитаниците и задолжително мислење од етичка комисија пред да се спроведе клиничкото испитување – рече Алиу.
Министерот за здравство најави и дека фармацевтскиот отпад од домаќинствата ќе се собира на пунктови во национална мрежа.