Алијансата за Албанците му „честита“ на Таравари што отпушти од работа 18 Албанци


Фото: Б. Грданоски
„Честитки за Арбен Таравари. Откако ги намали Албанците во балансерот, сега преминува на акцијата „Македонија повторно твоја“. Етничкото чистење на Албанците во институциите кое започна со намалувањето на процентот во балансерот сега продолжува со здравствениот сектор на чело со Арбен Таравари“, велат од Алијанса за Албанците.

 

„Денеска за жал беше објавено дека директорот на Клиниката за токсикологија, поставен од самиот Таравари, отпуштил 18 Албанци. Во меѓувреме, голем број вработени во други клиники алармираат дека добиле предупредувања дека многу брзо може да ја имаат истата судбина. Го повикуваме Таравар и коалицијата ВЛЕН да престанат со оваа сервилност сега веќе со сериозни последици за Албанците. Јавно ги прашуваме дали е ова делувањето што толку помпезно го  најавија и промената што им ја ветуваа на Албанците во кампањата? Со оваа промена навистина ги спроведувате политиките на Мицкоски „Македонија повторно твоја“, се додава во соопштението на Алијанса за Албанците.

Според оваа партија, која беше дел од Европскиот фронт на ДУИ, со формирањето на „нелегитимната влада“ Албанците секојдневно ги губат најважните дирекции во државата.
 
„По Агенцијата за разузнавање, каде што беше разрешен директорот Албанец и именувани директор и заменик директор Македонци, денеска истото се случи и со Фондот за здравствено осигурување. Во оваа институција, која е во секторот на Арбен Таравари, денеска стапија на должност двајца нови директори, двајцата Македонци, разрешувајќи ги двајцата поранешни директори, од кои едниот Албанец. Со одлуките започнати од формирањето на Владата, но и со оние што се очекува да бидат донесени во наредниот период, по 25 години Албанците се исклучени од клучните позиции во најважните институции во државата.Во меѓувреме, албанските партии кои ги загубија изборите и како такви станаа дел од Владата, во некои случаи молчат, а во некои случаи, како овој последниот, стануваат директни спроведувачи на одлуките против Албанците“, тврдат од Алијансата за Албанците.