Алијансата на Села сака нов уставен поредок
Идејата на „Европскиот фронт“ за ново уредување на уставниот поредок на државата, е една од темите за кои лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, ќе разговара со сопартијците на Централното претседателство што се одржува во Гостивар.
Ова го соопшти вечерва на прес конференција пред почетокот на заседавањето на Централното претседателство Села, кој смета дека не била испочитувана волјата на гласачите по последните избори при формирањето на владејачката коалиција.
„Ние наоѓаме начини и за нив треба да го информираме членството и ангажираме експерти за да се заштити она што е свето, гласот на секој граѓанин без разлика на неговата, етничка или политичката припадност“, рече Села.
Според него, дебатата за новото уредување на уставниот поредок ја отворил актуелниот премиер Христијан Мицкоски, кога, како што рече, се повикал на легитимитетот кај Македонците за време на последните избори.
„Албанците се една третина од вкупното население во државата и заедно со другите етнички заедници, тие се околу половина. Оваа тема ја отвори Христијан Мицкоски и ВМРО–ДПМНЕ. Ние само даваме одговор на ваквите теми кои се отворени. И нормално дека планираме ваквите теми да разгледуваме и да имаме наша понуда со која уставниот поредок на Северна Македонија ќе биде регулиран според демографската реалност која Северна Македонија ја има“, рече Села.
Тој рече дека Мицкоски дека си зел за право да формира власт со „губитници од албанскиот блок“, што според него нема гаранција дека утре, после нови избори, нема да земе во власт ниту една организирана политичка албанска партија, туку ќе земе само индивидуи.