Алијансата до Касами: Ја подели сопствената партија, не се мешај во нашата!
Алијансата на Албанците му порача на Билал Касами преку Фејсбук методите што ги примени во неговата партија да не ги применува сега кај нив. Според Алијансата, Касами само внесува раздор на албанската политичка сцена и со своите потези веќе предизвикал создавање на седум нови партии, вклучувајќи ја и поделбата на неговата.
„Го повикуваме претседателот на Движењето Беса, познат како претседавач на бравите, кој упадна во штабот на сопствената партија и предизвика поделба, да не си го пика носот во внатрешните работи на други субјекти, туку да си го гледа својот двор, кој го уништи од основањето.
Билал Касами е универзално и официјално познат по кршењето брави, по насилното влегување и демолирањето на седиштето на неговата партија во 2018 година. Билал Касами како градоначалник на општина Тетово ќе остане запаметен и по кршењето на вратите од зградата во која била сместена невладина организација во Тетово. Затоа, не може да фрла кал врз Алијансата за Албанците, како симбол на поделбите на албанската политичка сцена, поради кои од Движењето Беса излегоа уште 7 партии“, порачаа од оваа партија.
Пораката на Алијансата (очигледно на тие што стојат зад Зијадин Села) практично сугерира дека Арбен Таравари и неговите подржувачи работат според насоките на Билал Касами, бидејќи тој има искуство со поделби на партии и земање печати. Кој е интересот на Таравари непосредно пред избори да влезе во ваков внатрешен судир и што е тоа што му е понудено на разговорите во Приштина што не може да го одбие, ќе се види од следните настани.
Координаторот на пратеничката група на партијата во Собранието на Македонија, Аднан Незири синоќа во ТВ интервју порача дека Алијанса за Албанците треба да настапи самостојно, а не со коалицијата Европски сојуз за промени, од кој политички субјект веќе биле предадени. Тој рече дека министрите од редовите на партијата кои поддржуваат други политики, а не партиските, треба да бидат разрешени.
„Во конкретниот случај, ако велат дека Владата е корумпирана, а седат во неа и на тој начин се соучесници, тогаш тоа не е искрено. Хумано и етички е да се поднесе оставка. Ако не поднесат оставка, ќе бидат разрешени“, рече Незири во гостување на ТВ Шења.
Тој нагласи дека не треба Алијанса за Албанците да се приклучи на Европски сојуз за промени.
„Во таа организација во преден план се личните амбиции, многу повеќе отколку професионалните, политичките и програмските амбиции. Самостоен изборен настап е почесен политички став, тоа е и поразумна и понезависна одлука и отсликува сериозност во одлучувањето“, изјави Незири.
Тој нагласи дека и самиот лидер, Арбен Таравари веќе има гласано за самостоен настап на партијата и дека покажува оти не ги почитува партиските процедури и правила.
„Имавме неколку состаноци на Централното претседателство на кои беше заземен став Алијанса за Албанците да излезе самостојно на изборите, така гласаше и Таравари, но не ги знам причините. Надворешните влијанија не треба да влијаат на лидерот на една партија“, рече Незири.
Сепак, она што се случи во Владата, каде што кадрите на ДУИ и техничкиот премиер Талат Џафери експресно почнаа пресметка со тие што го поддржуваат Таравари, според новинарот Зоран Иванов, доведе до тоа Владата да го допре дното институционално, бидејќи под водство на ДУИ е претворена во сцена за штапски меѓупартиски преаметки.
„Со лелекот или крикот, сеедно, на двајцата актуелни министри од редот на политичката партија и коалициски партнер на СДСМ и ДУИ во македонската, техничка, па сепак влада на вечерашниов прес, колку раскажаната приказна на двајцата министри од Алијансата, Алиу и Меџити пред новинарите и да беше еднострана, веќе на самиот свој старт, креирајќи го ваквиот амбиент, владата на Џафери го допре самото институционално дно. Зашто поразителен е фактот дека меѓупартиската пресметка меѓу ДУИ и Алијанса на Албанците се одвивала на владината тркалезна маса и дека оваа влада практично почнува да функционира од позиција на маалска сила со непримерни меѓуресорни пресметки како од времето на Дивиот Запад. Оттука, кажано во оваа една реченица, ако по утрото денот се познава, до мајските избори од институциите ќе летаат уште многу политички глави, а владата наместо терен за институционално владеење, ќе се легитимира како Влада за штапски меѓупартиски пресметки“, напишпа Иванов на социјалните мрежи.
Tаравари, пак, на „Фејсбук“ изрази загриженост поради обидите за заплашување на активисти од партијата, со како што вели, класичен метод на системот „бркање од работа“. Тој во својот пост на социјалните мрежи пишува дека ваквите напори на поединци се губење време бидејќи промената е почната и никој и ништо не може да го врати процесот назад.
„Вие што ја користите моќта на овој начин, ве повикувам да купите календар или да го погледнете календарот на вашиот мобилен и да прочитате… 8 мај е многу, многу блиску“, вели лидерот на Алијанса.
Тој ги повика членовите разликите во АА, да остават да бидат решени на демократски начин и да не се срамат со вакви постапки бидејќи уцената не поминува кај ниеден член на партијата.