Александар Поповски: Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафана

Моќна уметничка порака завчера сподели на отварањето на „Охридско лето’ македонскиот режисер со светско реноме Александар Поповски кој е селектор на драмската програма на фестивалот. Потсети дека: „Уметноста не смееме да ја нарачуваме како песна во кафана. Треба да и го дадеме сиот простор кој и е потребен за да може самата да каже што чувствува“, барајќи сите да застанеме на бедемот против уништувањето, не само на културното туку и на природното наследство.

Обраќањето на Поповски беше писмо до големиот, неодамна починат македонски драматург Горан Стефановски.
„Ако дивоградбите ги разбереме како метафора на нашиот свет, тогаш Горан, треба твоето диво месо да го земеме како рецепт. Значи, јас читам сега диво месо, а Вие слушајте ‘диво градби’. Диво месо е верување дека ако некому влезе влакно во грлото, околу коренот на влакното ќе се створи месо кое не е човечко и кое ќе расне и ќе нарасне толкаво да го угуши човека. Месото мора да се откорне со нокти а раната да се изгори со жар“.

Не се живее вака. Милиони живеат во бункери. Sиркаат надвор низ нишан од снајпер. Нема живот ако човек мисли дека сите се против него. Дека светот е една голема завера. Во светот има и љубов и добрина и чесни луѓе. Ние мислиме дека ни е тешко. На сиот Свет му е тешко. На сите нешто им недостасува. Сите се чувствуваат опколени од непријатели.Југот не го сака север, исток – запад, Европа не ја сака Америка, Ирска -Англија, Прилепчани не се мирисаат со Битолчани, во ист град не се поднесуваат две маала, во едно маало- две згради, во една зграда закрвени се два влеза, во еден влез – два стана, во еден стан-две фамилии, во една фамилија двајца луѓе, а и тие двајцата се мрзат сами себе. Каде води тоа? Ако е така, нема спас. А без спас, нема живот. А без живот…нема ништо. Има смрт, рече Поповски.