Александар Николоски останува на кажаното: бугарскиот однос бил нецивилизиран


 

Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, денеска реагираше на острите критики од Бугарија поради тоа што ги нарече нејзините политичар „невивилизирани“ и соопшти дека останува на таа изјава. Тој уште додаде дека „корумпирани политичари од Бугарија сакаат да ги уништат односите, ја користат Македонија како предизборна тема“.

Во изјавата се вели:

„Би сакал да реагирам во однос на последната хистерија која што ја создаваат дел од неуспешните бугарски политичари. Непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалку мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија.

Кризата во бугарското општество е создадена од токму овие политичари кои што, наместо да дадат одговор на домашната јавност за високиот степен на корупција и криминал кој што го има во Бугарија, за лошата економија поради која многу заминуваат, тие сакаат да се занимаваат со Македонија.

Нивното занимавање со Македонија, всушност покажува дека ниту сакаат добрососедство, ниту сакаат Македонија да стане член на Европската унија, уште по малце да напредува кон Европската унија. Тие сакаат да ја блокираат Македонија и да ја користат Македонија како своја предизборна тема.

Секако ние нема да го дозволиме тоа и јас нема да дозволам да било кој бара изговори во мои изјави или било што друго што се случува во Македонија.

Јас останувам зад сѐ што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата која што ја претставува. Нема оправдување за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Силјановска-Давкова како претседател на Македонија.

Дали сакаше да испрати порака дека тие во суштина и не ја признаваат Македонија, што е можеби нивни долгогодишен сон. Ние сме јасни кој сме, ние сме засебна нација, македонска нација, засебен народ, македонски народ. Ние зборуваме свој македонски јазик различен од сите останати јазици, ние имаме своја историја, своја култура. Ние знаеме кои сме и не треба на никого да се докажуваме.

И би сакал нешто да кажам и на оние политичари кои што бараат оставка од мене. Од мене бараат оставка политичари кои што се обвинети за криминал и корупција, политичари кои што ги видовме на слики како спијат на кревет покрај прачки со злато и стотици илјади евра во девизи. Такви ли политичари ќе бараат оставка од мене?

Извинете господа, ама вие не сте достојни да побарате оставка од мене. Жал ми Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на Европската унија, да го изоди патот кон Европската унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси. Ние ништо туѓо не бараме, ама сакаме да го заштитиме нашето“.