Активизмот и уметноста решаваат општествени проблеми: Железничката зграда навистина зборува


Неодамна, земјава се закити со едно златно признание во уметноста, кое во светски рамки дава сериозна потврда. Имено, станува збор за „Златната трига“, прва награда од квадриеналето во Прага што ја доби Македонскиот павилјон со перформативниот дизајн „Оваа зграда зборува (на)вистина“. Проектот произлегува од неколкугодишното истражување на Ивана Васева и Филип Јовановски како тандем преку нивната организација Факултет за работи што не се учат (ФР~У). Приказната ја почнуваат уште во 2014 година, во екот на протестите за одбрана на ГТЦ наспроти масивното градење на проектот „Скопје 2014“. Тогаш ја откриваат и феноменалноста на една зграда во центарот на Скопје – Железничката зграда. Оттогаш, таа зграда е нивна сцена, простор, текст, инспирација, како за уметноста, така и за активизмот.

Наградениот перформативен дизајн домашната публика ќе може да го погледне на годинешното издание на Младински отворен театар.

Независен: Како ја откривте Железничката зграда и како започна приказната?

Филип: Целиот проект се роди во рамки на друг проект со наслов „Кога зградите би зборувале“ кој започна кон крајот на 2014 година. Тоа беше регионален проект меѓу Скопје, Загреб и Белград. Заедно со театарско активистичката група „Shadow Casters“ („Фрлачи на сенки“) од Загреб и уметничкиот колектив „Супервизуелна“ од Белград, инициравме приказна со идеја да направиме претстави/перформанси за згради во сите три града.

Проектот го дизајниравме според структурата на правење театар, користејќи ги сите елементи на театарскиот процес (текст, читачки проби,  актери/изведувачи, проби, изведба), но се обидовме да ги трансформираме елементите на театарскиот процес во урбаниот контекст. Тогаш меморијата за зградата стана текст, архитектурата – сценографија, прошетката низ самата зграда го одреди мизансценот, публиката активни чинители, жителите станаа „актери“.

Потребна ни беше зграда што ќе има некакво политичко значење за градот, тогаш беа актуелни и протестите, „Скопје 2014“, ГТЦ… Сфативме дека оваа зграда ги обединува сите аспекти што нам ни беа важни како: раниот модернизам, јавниот простор, домувањето во заедница, заедница, култура и уметност… Следниот чекор беше комуникација со станарите, процес на градење доверба.

Ивана: Изградбата на зградата е почната во 1934 година, а е завршена до 1946 година и оттогаш не е реновирана. Заштитена е како второстепено културно наследство, но тоа не влијаело многу за да се прават индивидуални интервенции на зградата од самите станари. И покрај многуте ветувања од поранешните градоначалници, на таа зграда нема никакви реновирања. Феноменалноста на зградата е тоа дека е во центарот на Скопје, има внатрешен двор и има киносала во неа, наменета за користење на станарите.

Независен: Како одеше комуникацијата со станарите, како ве прифатија?

Ивана: Разговаравме со заедницата на станари, односно куќниот совет кој е сочинет од повеќе станари, но тројца се најактивни, тоа се Слободан Кочевиќ, Томе Каревски и Иван Џијановски кои долги години се обидуваат да направат нешто за зградата, првенствено да ја реновираат. Се најдовме на иста линија бидејќи имавме ист „интерес“, а тоа е да се зачува зградата, да се реновира и повторно да се врати киното во функција. Преку уметнички проекти решивме да ѝ дадеме видливост на таа зграда и секако да ѝ помогнеме на таа заедница на станари. Во текот на две години работевме со нив и поминувавме стан по стан и истражувавме повеќе за тоа кој сè живеел таму, какви се нивните сеќавања. Имаше некои негодувања на почетокот, бидејќи им доаѓале претходно и инвеститори, некои им нуделе киното да се претвори во станови. Се присетуваат дека живееле и по повеќе семејства во еден стан, бидејќи се големи станови со високи тавани, стандард што веќе го нема. Во одреден момент таму имало и до 400 деца. Тоа е како една мини општествена заедница, како мал град во голем град. Преку нивните мемории создадовме едно сценарио кое се преточи во перформанс кој за првпат го изведовме во 2017 година.

Филип: Покажавме дека преку култура која ја вклучува локалната заедница може да се иницира едукација за одредена тема. Во случајот со ГТЦ, користевме активизам за да едуцираме за значајноста на јавниот простор, а тука „користевме“ уметност за да прикажеме колку е нешто важно за јавноста  и која треба да биде улогата на уметноста во заштитата на јавното добро.

Независен: Едно заокружување на целиот труд е добивањето на „Златна трига“, првата награда што се доделува на Квадриеналето во Прага. Какво е значењето на ова признание?

Филип: Големо  е значењето, ни дојде неочекувано и премногу возбудливо во ист момент. Кога правиш нешто со години во еден долг процес, најмалку го  правиш тоа за награда, но ете се совпаднаа работите.

Гледано концепциски, на Прашкото квадриенале секоја земја добива еднакво простор за изложување, сите земји добиваат простор со димензии 5/5/5 м висина што е различно од Венециското биенале, каде што секоја земја си одбира простор согласно со можностите.

Добивате ограничен простор во чии рамки треба да се изразите. Нашата задача (што самите си ја поставивме) беше, како тоа што го правевме во реалниот живот во изминативе пет години, да го пренесеме таму,  во изложбен контекст. Односно, ако првата наша задача беше како од реален живот да направиш site specific претстава, задачата за квадриеналето беше  како таа site specific претстава да ја претставиме во уметнички контекст. Која ќе биде релевантноста на тоа уметничко дело?

Тогаш јас велам ајде да  го зипуваме проектот, односно ако 70 години живот во зградата ги претставивме во една перформативна едукативна прошетка низ зградата и ги скративме во час и половина, сега задачата беше како тие час и половина да ги скратиме/зипуваме во половина час. Тоа беше голем предизвик, не се работеше само за формална трансформација, туку за суштински пристап кон самиот проект и релевантноста на истражувањето кое го имавме. Потребно беше да се направи трансформирање на просторот во интерес на дејствието. Таа врска на просторот/дејствието/нарацијата беше клучна во самиот концепт на павилјонот, затоа што во исто време павилјонот инкорпорираше  и изложба и перформанс.

Концептот на просторот во самиот павилјон претставуваше текст.

Ивана: Прашкото квадриенале во изминативе изданија се фокусира на перформанс дизајнот како нова современа уметничка форма која подразбира интердисциплинарен пристап или обединува елементи од театар, филм, визуелна уметност и архитектура. Сите заедно треба да го направат тоа перформанс-дизајн-тело. Проектот „Кога зградите би зборувале“ како перформанс го изведовме неколкупати во Скопје, а потоа се „преведе“ и на Прашкото квадриенале. Повеќе од земјите кои учествуваа имаа инсталација и перформанс со актери, меѓутоа, мислам дека жирито кај нас забележа дека тоа не се засебни елементи. Самата инсталација го диктираше темпото на перформансот на нашата актерка, Кристина Леловац, која со исклучителна посветеност и професионалност ја „оживуваше“ просторната инсталација, изведувајќи текст кој е сублимат на сето што го сработивме во Скопје. Тие два елемента беа зависни и не може да постојат едно без друго.

Независен: Со колкав и каков тим располагавте?

Ивана: Со многу мал тим. Благодарност до директорката на Музејот на Град Скопје, Фросина Зафировска, која како продуцент го истурка ова, а во другиот креативен тим покрај Филип и актерката Кристина и јас, беа и Биљана Тануровска-Ќулавковска (текст за публикација), Илја Тирицовски видеопродукција, Александар Јовановски конструкција/статика на проектот, Владо Димоски, Иванчо Велков и Миле Крстевски кои работеа на реализација на инсталацијата. Навистина бевме мал тим во споредба со она што го видовме таму со што сè располагаат другите земји и со колку многу луѓе. Но идејата беше да направиме проект со она со што располагаме и го знаеме и тоа да го активираме наместо да вложуваме во скапи продукции, а ние самите како самостојни културни работници да го продлабочуваме прекаријатот што го живееме.

Бевме и една од ретките земји што имаше публикација, добивме поддршка и од нашата уметница Драгана Заревска која живее во Прага. Генерално, голем дел од  македонската заедница која е во Прага ни даде поддршка. Нема да ја заборавиме поддршката и од актерката Верица Недеска на церемонијата на доделувањето на наградите.

Филип: Уште од првиот ден кога почнавме со изведување на перформансот, тргна со позитивна енергија и таква остана атмосферата до крајот. Заедно со директорката Зафировска успеавме да истуркаме еден квалитетен проект, а важно е да се напомне дека сите што беа вклучени од почеток до крај добија хонорар. Регулирани беа сите авторски права и тоа за нас е навистина исклучително битно, бидејќи во Македонија, визуелната уметност особено многу ретко се третира професионално од институциите.

Независен: Што значи добивањето на „Златната трига“ во светски рамки?

Филип: Како единствена земја од регионот што ја добива, многу значи. Македонскиот павилјон беше со 30 пати помал буџет отколку, на пример, кинескиот или данскиот павилјон. Значи дека жирито препознало релевантност во она што сме направиле.

Ивана: Во последните изданија оваа манифестација се трансформира. Сега не е повеќе само манифестација за театарска сценографија, туку многу повеќе од тоа. Единствена е во светски рамки која е посветена на интердисциплинарните форми. Соодветствува со духот на времето, кое не поставува рамки меѓу дисциплините. За разлика од Венециското биенале кое е чисто за визуелна уметност, Прашкото квадриенале спојува театар, филм, уметност, архитектура. Но, по важност би рекла дека се тука некаде.

Независен: Се изборивте да потпишете договор со Општина Центар, преку кој се обврзуваат да се реновира киното во Железничката зграда. Преку уметноста успеавте да испровоцирате решавање на општествен проблем.

Филип: И во уметноста и во општеството, нам ни се распаѓа идејата за заедништво. Со овој проект  ја кршиме таа реалност и преку активизмот и преку уметноста. Целата приказна за оваа зграда тргна од идеја за реконструкција и нам ни е важно што овој проект има импакт врз општеството.

Ивана: Откако влеговме во животите на тие луѓе, се спријателуваш и уште повеќе сакаш да помогнеш. Сакаме да се зачува таа зграда, особено што во тој дел од градот масовно се гради, се уништува јавниот простор, старите куќи итн. Со овој проект сакавме да го поттикнеме духот на заедништво кој во 2014 и 2015 година веќе недостасуваше во нашето општество. Заедништвото веќе се распаѓаше, затоа решивме да се концентрираме на нешто што е симбол на солидарност и заедништво. А Железничката зграда е токму тоа, така е градена и е архетипски облик на таквата идеја.

Независен: И вие и станарите барате киното да остане јавно. Што ќе значи тоа?

Ивана: Претендираме тоа да биде просторија што заеднички ќе се управува. Таму секако ќе важат одредени правила што секој што би го користел киното ќе треба да ги почитува. Настаните да не траат предолго, да бидат од потивок карактер, оти сепак под и до тој простор живеат луѓе. Таквата форма на управување на заедништвото е против неолибералните приватизирачки потези или индивидуалистички вредности. Ако сите станари се вклучат во менаџирање на тој простор, ќе имаме нов облик на управување со јавен простор во земјава.

Ивана Настеска

Фото: Борис Грданоски