Активен и во науката: Професорот Мицкоски vs политичарот Мицкоски

Професорот Христијан Мицкоски до крајот на годината ќе биде избран за редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје. По активното влегување во политиката и изборот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ во декември 2017 година, тој остана активен и во науката и во професурата.
Во периодот кога партијата започна со кампањата „Обнова за Македонија“, се објавија два труда на Мицкоски во меѓународни списанија, кои се со релевантен фактор на влијание и се користат од научната фела на машинството, вештачката интелегенција и современото моделирање.
Првиот труд е објавен во англиското списание „Vehicle system dynamics“, кое е дел од меѓународната академска издавачка куќа „Taylor & Francis“. Списанието е рангирано меѓу првите три во научниот свет од таа област поради високиот фактор на влијание.
Вториот труд, објавен последната недела е во литванското списание „ЈVE Journals“ што е дел од платформата Математичко моделирање во инжињерството.
Во неговата професионална биографија може да се прочита дека тој ја истражува мехатроника која вклучува комбинација на машинското инжинерство, електрониката и компјутерското управување.
Мицкоски има докторирано интелегентно управување на роботите, докажувајќи дека во пракса вештачка интелегенција во смисла каква се подразбира, не постои во машинството, бидејќи луѓето и машините не може да постигнат сингуларитет со цел да го изедначат начинот на размислување. Професорот на Машинскиот факултет докажува дека највеќе што е постигнато е вештачкото резонирање, каде човекот дава команда, и по пренесените наредби во управувањето машината извршува определени задачи.


Мицкоски во својот докторат искористува еден од елементите на вештачкото резонирање, фази логиката создавајќи алгоритам кој го оптимизира производството на одредени производи, остранувајќи ги грешките во производството и максимално го оптимира производството. Дел од докажаното во докторатот е искористено во автомобилската индустрија во Германија при производството на автомобили.
„Независен весник“ пишуваше дека политичарот Христијан Мицкоски речиси целосно се разликува од професорот на Машинскиот факултет, Христијан Мицкоски. Неговите студенти велат дека тој практикува интерактивна настава. Бара знаење, ама не е скржавец да им го пренесе. Во текот на наставата одвојувал време за нејасни прашања. Со студентите се договарал кога да се одржи колоквиум или испит, да не се случи во еден ден да имаат два теста, а им држел дополнителни предавања пред да имаат колоквиум.
Во екот на кампањата за претседателските избори, Мицкоски знаеше да се пофали дека имал и италијанска и германска стипендија, пред него била отворена можноста за европска и за светска професура, но тој и сопругата, сепак, одлучиле семејството да го формираат во Македонија. (Г.А.)

Фото: Борис Грданоски