Ако се прифателе сите барања, буџетскиот дефицит ќе надминеше 2 милијарди евра, вели Димитриеска Кочоска


Министерствата покажале голем „апетит“ за трошење на буџетските средства. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска денеска пред новинарите откри дека доколку се прифателе сите нивни барања, буџетскиот дефицит ќе беше 13,5 отсто од домашниот бруто-производ (БДП), или во апсолутен износ над 2 милијарди евра. Инаку, во Предлог Буџетот кој е доставен до Собранието, економскиот раст е планиран на ниво од 3,7 проценти, буџетскиот дефицит на четири проценти, а инфлацијата 2,2 процента. Вкупните приходи во Буџетот за 2025 се планирани на 358 милијарди денари (или околу 5,8 милијарди евра), што е за 13 проценти повеќе од буџетот за 2024 година, додека вкупните расходи се проектирани на ниво на 400 милијарди денари (или нешто над 6,5 милијарди евра), што е раст од 10 проценти во однос на Буџетот за 2024 година.

„Да, имаше големи барања од министерствата и тоа ќе може да се види во Предлог – буџетот кој што ќе е доставен до Собранието“, изјави денеска на брифинг со новинарите министерката Димитриеска Кочоска.

Таа истакна дека во однос на платите има зголемување од 3,5 милијарди денари на ставката плати, плус 2 милијарди зголемување кај блок дотациите, најмногу кај образованието, а кај Фондот за здравство има зголемување од 5,2 милијарди денари од што треба да се обезбедат платите на здравствените работници. Плус, како што посочи, има бафер од 2 милијарди денари во функции на државата, средства кои што ќе може да се распределат откако ќе се знаеме исходот од преговорите во рамки на Социо-економскиот совет кој што го предводи Министерот за економија.

„Во однос на пензиите планирани се 15 милијарди денари зголемување на ставката на пензии и уште 2 милијарди денари зголемување кон Фондот за здравствено осигурување по овој основ. Тоа се средства кои што како растат пензиите така треба да се зголемува како процент кон ФЗО“, вели Димитриеска Кочоска.

Во однос на социјалните трансфери зголемувањето е околу 500 милиони денари во однос на ребалансот на Буџетот. Притоа, таа нагласи дека во наредниот период треба да се спроведат проекти кои што треба да ги воспостави Министерството за социјала за воведување единствен регистер за податоци. Со ова таа очекува правилно искористување на средствата наменети за социјална помош.

Димитриеска Кочоска е уверена дека стапката на раст од 3,7 отсто е остварлива и се темели на реални инвестиции. За оваа намена во Предлог – буџетот се передвидени 50 милијарди денари.

„Буџетот вклучува 50 милијарди денари, односно 830-40 милиони евра за капитални инвестиции“, рече таа додавајќи дека се работи на засилена реализација на коридорите 8 и 10 Д, исто така и проектите за општините, а приоритет се и проектите за финансирање на енергетска ефикасност, за олеснување на трговија и транспорт во Западен Балкан, за администрирање на социјалното осигурување, за модернизација на земјоделството, регионален проект за отпад, за подобрување на водна инфраструктура, реконструкција на казнено-поправни установи. Во Образование, покрај обнова на студентските домови во преговори се за доизградба на училишта и спортски сали.

Коментирајќи ги сомнежите во однос на остварувањето на процентот на БДП од 3,7 проценти, изнесе податоци за претходните години и аргументи за плановите за следната година, потенцирајќи дека реалните инвестиции во годините наназад не изнесувале повеќе од 15 милијарди денари.

„Во 2022 година во делот на капитални инвестиции сме имале 18 милијарди денари реализација, меѓутоа таа реализација кога ќе тргнете да ја анализирате нагоре се во суштина класични трансфери коишто се префрлани до јавни претпријатија и акционерски друштва при што во овој дел 14 милијарди не се влезени оние паднати гаранции. Знаете колку била реализацијата на капиталните инвестиции во 2022 година, и ако на тоа или од тој износ го одземете овој ќе видите колку е реалната реализација на капиталните инвестиции. Морам да напоменам дека има и многу капитални трансфери коишто исто така се направени за некакви нефинансиски или нематеријални вложувања и тоа е веќе прашање исто така каков тип на инвестиции се, дали дава некаква дополнителна вредност“, рече министерката за финансии.

Во 2023 година, како што дополни, иако во планот биле буџетирани 17 милијарди се завршува со 23 милијарди повторно на вакви инвестиции, односно евидентирани како инвестиции кои во реалноста завршувале за плати, за набавка на репроматеријали итн. Плус, паднатите гаранции коишто биле над пет милијарди денари и две милијарди на општините трансфер на крајот на 2023 коишто до овој момент имаат премногу слаба реализација.

„Кога ќе ги соберете математиките ќе видите дека ние реално во годините не сме инвестирале повеќе од 15 милијарди денари реално“, рече Димитриеска Кочоска.

Та уверува дека во наредната 2025 година такви работи ќе нема.

„Трансфери за ЕСМ нема, трансфери во однос на одредени јавни претпријатија се предвидени, но во многу помал износ или се пренасочени на други ставки, а не да ги билдаме капиталните, што значи дека она што го гледате како 50 милијарди денари се реални инвестиции“, уверува Димитриеска Кочоска.

Според неа, проектите за изградбата на автопатот Скопје-Блаце и Кичево-Букојчани покажуваат дека во минатото немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Таа вели дека била шокирана дека имало одобрено средства за изградба на Скопје – Блаце и Букојчани – Кичево, што се поразлични кредити од она што е сега проектот за Коридорот 8 и Коридорот 10, одобрени уште во 2021 година.

„Се поставува прашањето зошто не се почнало со реализација на тие проекти. Кој е виновен за тоа? Парите се одобрени, едниот од ЕИБ, а другиот беше чинам од ЕБРД. Значи, два проекти 3-4 години наназад одобрени заедно во соработка со претходната влада. Ова само покажува дека воопшто немало никаков интерес за реализација на капитални инвестиции. Многу било полесно овие 23 милијарди, 30 милијарди трансфери кон јавни претпријатија, акционерски друштва, уништувања на тие друштва и денес креирање на дополнителни проблеми. Е тоа е тоа што ние денес го менуваме. Ваквата политика ни донесе стапка на раст таква каква што имавме во минатото, а ние нашата стапка на раст ја темелиме на реални инвестиции“, наведе Димитриеска Кочоска.

Владата во вторникот го усвои Предлог буџетот за 2025, со проектирани приходи во вредност од 5,8 милијарди евра и расходите 6,5 милијарди евра. По доставувањето во Собранието, следува 10-дневна расправа во матичната Комисија за финансирање и буџет.