Ако се најде заем по подобри услови нема да се повлече втората транша од кредитот од Унгарија, вели Мицкоски


Втората транша од заемот од Унгарија во износ од 500 милиони евра ќе се повлече доколку не се најдат пари по поволни услови од тие што ги нуди унгарската Експорт импорт банка, изјави денес премиерот Христијан Мицкоски. Тој, одговарајќи на прашања на новиарите, при неговата посета на Брвеница, рече дека тие пари се потребни за да се врати еврообврзницата која што доспева во 2025 година.

„Петстотини милиони евра од Унгарија веќе се стигнати на сметка во Народната банка, или тоа ќе се случи во текот на утрешниот и од тие пари 250 милиони ќе се намалат за бизнисот, а другите за капитални инвестиции. Другите 500 милиони евра ќе ги повлечеме доколку не успееме да најдеме подобри услови, односно средства со кои што ќе ја вратиме еврообврзницата земена од претходната влада во 2018 година која што стасува на 25 јануари 2025 година. За да го стигнеме рокот, нормално е што отпочнуваме преговори за втората транша“, рече Мицкоски, посочувајќи дека доколку во меѓувреме Владата успее да обезбеди средства по подобрти услови, унгарските пари нема да бидат повлечени.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, на денешната дебата во Владата посветена на економијата, финансиите и јавната администрација, исто така рече дека парите од втората транша ќе бидат наменети исклучиво за подмирување на еврообврзницата.

„Не се брза со втората транша од унгарскиот заем. Мора да бидеме сигурни дека ќе ги имаме парите затоа што еврообврзницата доспева во јануари следната година“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека не се брза со ништо, но еврообврзницата мора да се сервисира на почетокот на јануари.

„Ние не можеме да ја почнеме постапката на 1 јануари и до 25 јануари да ги имаме средствата. Затоа започнуваме сега, но секако средствата ќе се користат за еврообврзницата и ќе легнат во јануари, а не до крајот на годината. Мора да бидеме сигурни дека имаме обезбедено средства. Не можам како одговорен министер да чекам да дојде јануари, па потоа да почнеме постапка за втората транша за заемот“, рече Димитриеска-Кочоска. 

Средствата од првата транша од унгарскиот заем се наменети за општините кои учествуваа на јавен повик и веќе помина периодот на евалуација, а дел од средствата се наменети за бизнис секторот.   

Во однос на проекциите на Светска банка која планира раст на економијата од 1,8 проценти, министерката за финансии рече дека очекувањата на Владата се дека до крајот на годината растот на економија би бил најмалку 2,1 процент.