„Ако сака Мицкоски ќе кажам кои од неговите први соработници беа на прием кај мене“: Пендаровски одговори на прозивките


Стево Пендаровски за време на митингот во Ѓорче Петров

 

Претседателот Стево Пендаровски вечерва му порача од Гази Баба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се изјасни дали сака да дознае кои од неговите најблиски соработници барале прием кај него, ги примил и да соопшти за што разговарале.

Во стандардниот образец на кампањата имаше прашања од граѓаните и тој беше запрашан дали се точни обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека во неговиот кабинет имало тајни преговори за амнестија на политичари.

„Ако господинот Мицкоски тврди дека имало тајни средби не би било лошо еден доказ во таа насока да приложи дали нешто такво се случувало, а не само да прераскажува чаршиски муабети. Тајни средби кај мене немало. Меѓутоа, ако приложи доказ во таа смисла, а јас ви тврдам дека такво нешто не постои, јас тогаш можам него да го прашам дали го интересира кој сè барал прием кај мене и да му кажам датуми, имиња и презимиња, затоа што станува збор за неговите најблиски соработници од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. И ако го интересира можам да му кажам што бараа од мене во таа насока. Некои од нив се и меѓу највисоките носители на пратенички листи. Можам да му кажам датум, имиња и презимиња, најблиските негови соработници пред 2 ипол години бараа прием кај мене, беа примени. Ќе му кажам што точно разговаравме“, рече Пендаровски.

Претходно, на собирот во Ѓорче Петров, Пендаровски рече дека актуелната владејачка гарнитура досега направила грешки, но тие биле поединечни и без зла намера. „Но споредбено со опозицијата, нашите грешки се минорни“ истакна тој.

Во интеракција со граѓаните Пендаровски беше прашан за коментар во однос на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ дека изјавил дека Гоце Делчев е Бугарин, на што Пендаровски одговори дека и овој пат опозицијата лаже.

„Не памтам во последните 20 години дека првите луѓе на таа политичка партија кажале барем еднаш вистина. Значи дали некој се чувствува како Бугарин или како Македонец, тоа е лично чувство и во тоа не се задира. Меѓутоа кој како се декларирал. Тоа можеме да го видиме од бројните барања во нивното раководство каде што повеќе од половината во нивниот Извршен комитет имаат бугарски пасоши и државјанства и таму пишуваат дека се од дедо и прадедо Бугари. Ако тие негови најблиски соработници во 2024 година или 2020 година се декларираат како Бугари, што очекуваме во време кога не постоела македонска држава, кога ние не сме можеле слободно да ја изразиме нашата волја? Македонската јавност треба да знае дека претседателот на главната опозициона партија се смета себеси за наследник на Ванчо Михајлов. Да повторам уште еднаш – значи Христијан Мицкоски вели дека Ванчо Михајлов бил претседател на историското ВМРО – тоа е на денешното ВМРО. Тоа било исто. Ако тој се чувствува, како што се чувствувал Ванчо Михајлов, како наследник негов, значи и тој е етнички Бугарин“, одговори Пендаровски.

Во однос на изјава на главната негова опонентка, Силјановска Давкова дека не го познава како студент, Пендаровски одговори дека не ја познава ниту тој од Правниот факултет.

„Само еден семестар нејзиниот сопруг беше помлад асистент. Бидејќи нејзиниот сопруг не ги исполни академските критериуми за унапредување, го поставија неколку месеци за библиотекар на Правниот факултет. Потоа тој го напушти комплетно факултетот, се посвети на приватниот бизнис, му дадоа фри шоп на српската граница и станаа мултимилионери“ заклучи Пендаровски.