„Ако некогаш влеземе во решение…“: Мицкоски за спорот со Бугарија


 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор по реизборот за лидер на партијата на конгресот во Кавадарци ги намали уште повеќе очекување дека може да се најде излез од ќор-сокакот на македонскиот пат кон ЕУ и промената на Уставот. Тој рече дека во моментов немало соговорник во Софија. И дека ЕУ била неподготвена да помогне во тој процес.

„Имаме отворено  прашање со Бугарија, но се чини дека нема соговорник од другата страна. Имаме желба да постигнеме фер решение, но за секој договор сакам да знам, за разлика од моите претходници во владата, што добива Македонија и граѓаните од сето тоа. Сакам да знам која е точната иднина која ќе ја обезбедиме за нашиот народ. Европската унија се чини неподготвена да го фасцилитира овој процес, пред сѐ, поради своите внатрешни проблеми“, рече Мицкоски.

„Подготвени сме да разговараме, но прво нека се одлучат какви разговори сакаат да имаме, билатерални или разговори со Брисел. Ако се билатерални, тогаш се потврдува нашата теза дека ова е билатерализација на нашиот европски пат. Ако сакаат да разговараме во Брисел, во присуство на евродипломатите, подготвени сме да заминеме уште утре и да ги презентираме нашите аргументи“, рече тој.

Мицкоски го повтори ставот дека не е проблем внесувањето на Бугарите во Уставот, туку новите условувања.

„Прашањето со Бугарија не е дали ќе има Бугари во Уставот. Нив може од утре да ги има и јас немам никаков проблем со тоа, проблемот е што тоа не е крајот, туку тука ќе почнат нови и нови условувања, и Македонија ќе прерасне во нов експеримент, откако двапати менуваше име, менуваше знаме, документи и којзнае колку пати менуваше Устав“, вели тој.

Мицкоски рече дека имало два столба во неговата политика за ЕУ: почитување на одлуките на Судот за човекови права за Македонците во Бугарија и нови заклучоци на Европскиот совет.

Решението кое би се постигнало, додаде Мицкоски, мора да осигура дека нашиот идентитет е зачуван и „дека нема да има некое ново предавство на некој нов трговец од Горни Милановац или хирург од Дубаи“.