Ако ја пропуштите шансата некои други ќе ја искористат и ќе влезат во ЕУ, вели амбасадорот Гир

Ако не се усвојат уставните измени скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Подобар договор ќе нема, а опозицијата тоа добро го знае, вели евроамбасадорот


Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир (Фото: МИА)

 

Амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, синоќа укажа дека доколку не се направат уставните измени, како што стои во преговарачката рамка процесот за пристапување кон Унијата ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. „Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, рече Гир во интервју за ТВ 21

Според него, вратата за Македонија кон Европската унија е отворена, но само доколку се направат уставните измени.

„Голем проблем се уставните измени. Тоа е прашање на суверенитет на државата. Тајмингот и контекстот се клучни тука. Минатата година во јули ги започнавме пристапните преговори со Северна Македонија. Досега, процесот се одвива добро, екипите се добро организирани и гледам позитивни промени. Има брзање за проширување и сите сега ја разбираат сериозноста на интересот да се оди напред во процесот на проширување на ЕУ. Мислам дека сега има голема шанса. Во овој момент вратата е отворена доколку се направат уставни измени“, рече тој.

На прашањето што доколку не се направат уставните измени, Гир вели дека тоа значи дека ќе ја пропуштиме шансата, која други ќе ја искористат.

„Реков дека имате голема шанса. Постои залет. Залетот во политиката и дипломатијата е нешто што не се занемарува. Тоа е посебен миг. Ако напредувате, ќе го искористите залетот и ќе ги искористите шансите кои ви се укажуваат за да напреднете на патот кон ЕУ. Сега мора државата да се фокусира на големите реформи кои мора да ги воведе. Што ако државата не го направи тој чекор и одлучи да не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе прекине и преговорите нема да напредуваат. Тоа ќе значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, оценува амбасадорот Гир.

Тој елаборираше дека парламентот треба да се фокусира на аргументите, да ја гледа пошироката слика и да донесе одлука. Според него постојат ризици ако се одложат уставните промени за по изборите. „Да не зборуваме за тоа. Сега имате добра политичка шанса“, рече Гир.

Евроамбасадорот вели дека е загрижен оти изборите може да го поделат народот. Така проблемот ќе се реши многу потешко. „Ќе кажам дека веднаш треба да заборавите на две работи. Прво, нема да се постигне подобар договор со Бугарија по избори. Ги следев преговорите две години. Многу беа тешки“, рече тој.

Според него, договор за преговарачката рамка е најдобриот што можеше да се постигне: „Компромис е. Не е совршен. Ниеден компромис не е совршен. Но, ова е најдобриот договор“.

Гир нагласи дека која партија и да дојде на власт по изборите ќе си има работа со истиот договор, нема да се постигне подобар, а опозицијата, според него, тоа добро го знае.

„Втората работа е што не гледам можност за некакви гаранции од ЕУ. Понекогаш се споменува јазикот. Ниту тоа не го гледам како начин за напредок. Најдобрите гаранции за напредок се самите реформи“, вели Гир.

Според евроамбасадорот, македонскиот јазик без никаква придавка е дел од преговорите. „Тоа значи дека македонскиот јазик ќе стане јазик на Европската унија. Од искуството со другите држави знаеме дека со самото приклучување во ЕУ јазикот се зацврстува. Постои целата армија на преведувачи и толкувачи, а и јазикот е во фокусот“, рече амбасадорот Гир.