АХВ: Затворена кујната која подготвувала храна за РЕК Битола


Фото: Б. Грданоски

 Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), вчера, по добиена телефонска дојава за сомнеж за труење со храна во РЕК Битола, во соработка со ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола, Институт за јавно здравје – Скопје и инспектори на Државниот санитеран и здравствен инспекторат, спроведоа вонреден инспекциски надзор во кујната на операторот кој вршел снабдување со храна на РЕК Битола.

АХВ соопшти дека во координирана акција, земени се мостри од храна и брисеви од работни површини, раце и нос на затекнати вработени лица во кујната.

Согласно Националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикаци, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви.

Наредено е вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи за сите вработени лица. Инспекциската постапка продолжува, наведуваат од АХВ.

Во меѓувреме, од РЕК Битола потрдија дека привремено е затворена кујната, а работниците од синоќа и денеска добиваат сув ладен оброк, информираа од комбинатот.

Одлуката на санитарната инспекција доаѓа по вчерашната појава на здравствени проблеми, стомачни тегоби, кај работници на РЕК Битола кои јаделе лазања со сос.

Во текот на вчерашниот ден до 15 часот беа регистрирани 81 преглед во Инфективно одделение на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, а ноќеска и претпладнево лекарска помош побарале уште 30 лица.

Со кујната во РЕК Битола управува хотелот „Молика“ од каде потврдија дека здравствениот проблем е изолиран случај бидејќи секојдневно од кујната на хотелот за работниците во РЕК Битола се испорачуваат околу 1.600 порции храна, а здравствен проблем е регистриран само кај одредени работници со лесна клиничка слика.