АХВ ќе казнува ако се користи загадената вода во Гостивар


Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се земени нови мостри од повеќе локации во Гостивар, додека забраната за користење на водата останува во сила сè додека надлежните институции не утврдат дека е безбедна.

Директорот на АХВ, Оливер Миланов, информираше дека вчера биле земени примероци од јавна чешма во Гостивар, од две градинки, од Општата болница, од ресторан, како и од чешми во црква и џамија.

„Земени се мостри од чешма која е јавна во Гостивар, чешми од две градинки, чешма од Општата болница, чешма од ресторан и чешми од црква и џамија. ИЈЗ треба да ги достави резултатите од испитувањата направени вчера“, изјави Миланов.

Прашан како функционира градот во услови кога водата е забранета и за пиење и за подготовка на храна, особено во период кога се очекува доаѓање на иселеници, свадби и зголемен број гости во угостителските објекти, Миланов рече дека инспекторите на АХВ се постојано на терен.

„Вчера и денеска инспектори од АХВ се отидени на терен и работат 24/7. Самите ресторани мора да имаат техничка вода. Ако нешто што доаѓа во контакт со храна, како приборот, дојде во контакт со вода, ќе бидат казнети“, рече директорот на АХВ.

Тој нагласи дека водата од системот на ЈП „Комуналец“ – Гостивар не смее да се користи сè додека институциите не дадат поинаква насока.

„Водата не е употреблива додека не дадеме поинаква насока. Треба да биде обезбедена посебна вода, технички безбедна, во однос на приготвување храна, пијалоци… исто и во болниците и јавните установи. Но не да се користи водата од Комуналец-Гостивар“, изјави Миланов. 

Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа истакна дека случајот со загадувањето на водоводната мрежа во Гостивар е сериозен инцидент кој директно го загрози здравјето на илјадници граѓани. Сакам јасно да кажам дека очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста.

 

Како што истакна Хоџа пред да бидат соопштени наодите од Инспекторатот за животна средина, институциите будно го следат развојот на случувањата. Тој изрази загриженост за сите заболени граѓани од Полошкиот регион.

Министерот потенцира и дека снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините, напомена, се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставување и заштита на санитарните заштитни зони околу водните извори. 

– Би сакал да ги уверам гостиварчани дека Владата ги презема сите мерки, секако во рамки на своите надлежности, и така ќе продолжи се до конечно расчистување на овој случај. Важно е граѓаните да знаат и кои се законските надлежности. Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори. Истовремено, контролата на квалитетот на водата за пиење е законска обврска на Центрите за јавно здравје, кои имаат обврска континуирано да ја следат исправноста на водата и навремено да ја информираат јавноста и надлежните институции кога ќе се утврди ризик по јавното здравје. Министерството за животна средина и просторно планирање останува целосно посветено на обезбедување услови за подобра комунална инфраструктура, објасни Хоџа.

Денес и Јавното обвинителство ќе одржи брифинг во Гостивар на кој би требало да се објават официјално наодите од испитувањата досега. Со отворањето на постапката, во фокусот не треба да биде само индивидуалната, туку и институционалната одговорност.Остануваат отворени повеќе прашања: како било можно вода од отворен канал да биде внесена во систем за вода за пиење, дали постоеле пишани процедури за такви интервенции, дали била направена процена на ризикот и какви биле механизмите за контрола и надзор? Експертите предупредуваат дека дури и доколку се утврди вина кај конкретни лица, потребно е да се анализира и функционирањето на целиот систем за да се спречат слични случаи во иднина.

Македонскиот Кривичен закон предвидува посебно кривично дело „Загадување вода за пиење“ во член 219. За оној што со штетна материја ќе ја направи водата за пиење неупотреблива е предвидена парична казна или затвор до три години. Доколку како последица на делото се појави епидемија на заразна болест, казната може да изнесува од една до пет години затвор. Истрагата на ОЈО Гостивар треба да утврди дали во конкретниот случај постојат елементи за примена на овие законски одредби и дали загадувањето на водата е директно поврзано со здравствената криза што ја погоди општината. Од соопштението објавено вчера јасно е дека водата за пиење била страшно загадена и дека имало присуство на фекалии 48 пати над дозволеното, како и огромно количество на хлор со кој се сакало, по се изгледа, да се неутрализира нивното присуство, иако сам по себе е штетен во таков обем.