АХВ го повикува Митовски да не се иззема од одговорност за говедата – тој спремен за соработка


Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) најостро реагира на изјавата на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, дека локалната самоуправа нема никаква законска надлежност да постапува во справувањето со проблемот со говедата кои лутаат низ градот и нанесуваат штета и на земјоделските поседи и во околните села.

Го потсетуваме Митовски дека неодговорно е кон сопствените граѓани и жители на паленечките села тој да се иззема од одговорност која ја има во овој случај, бидејќи согласно Законот за јавна чистота, член 14 став 1 точка 11, контролата на одржувањето на јавните површини односно чување и напасување на крупен добиток (вклучително и на говеда) на јавни површини ја има токму Општината. Ако сакаше, Митовски и досега можеше да го реши проблемот, сам или со помош од некои поранешни функционери, негови сограѓани, кои беа во врвот на претходната Влада, се вели во реакцијата на АХВ.

Говедата, додаваат оттаму, ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот.

Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оттаму потенцираат дека АХВ и во наредниот период ќе продолжи со активности за собирање на животните во интерес на граѓаните на Општина Крива Паланка.

Митовски во интервју рече дека „во нормална држава сето ова се решава многу брзо, така што Министерството за внатрешни работи ќе го обезбеди просторот, а АХВ ќе ги спроведе постапките што се во нивна надлежност. Во нормални држави сето ова немаше ни да стане вест за пошироката јавност“.

Тој тврди дека Општината нема законски надлежности за постапување во овој случај, а тие се исклучиво во надлежност на Агенцијата за храна и ветеринарство.

„Но, јас сакам повторно да нагласам дека не се исклучувам и не се амнестирам од проблемот, туку напротив, стојам на располагање на Агенцијата за храна и ветеринатство и лично јас и општината со своите ресурси и капацитети да помогнеме во која било акција.

Досега не сме имале ниту еден суштински состанок на којшто ќе направиме одредена стратегија за постапување. Постојано имаме ветувања со нови рокови дека проблемот ќе се реши, но тие не се почитуваат.

Ако се продолжи со ваква динамика и префрлање на топката со што се одложува решавање на проблемот, ќе дојде и април и ние практично нема да имаме проблем со говедата во центарот на градот. Тие ќе се префрлат во планиниските краишта и до следната година нема да имаме можност да го решиме проблемот“, додава Митовски.

Вчера пак, селаните кои имаат мака од говедата кои слободно шетаат во Кривопаланечко, излегоа на протест и побараа тие да се заловат, за да немаат повторно штета по пролетниот род. 

Често гледавме снимки како кравите шетаа по нивите со зелка, а плодовите ги јадат или ги уништуваат со газење.  Снимки покажуваат и дека една од сопственичките не дава да се заловат кравите, завчера дури и ги бркаш нагоре по ридот, за да не можат службениците од АХВ да ги фатат. Таа влегува во конфликт и со селаните кои самоиницијативно прибираат говеда и ги затвораат во своите штали.