АХВ да не ја префрла одговорноста, итно да го спроведе извршното решение за кравите, бара градоначалникот на Крива Паланка
Проблемот со кравите кои слободно шетаат во Крива Паланка треба да се реши веднаш и тоа од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство, порача денес на прес конференција градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски. Тој рече дека Општината ќе ги понуди сите распожливи средства за да се реши повегодишниот проблем со напуштените крави, но доколку АХВ и натаму ја префрла одговорноста, се закани со повикување на граѓанска непослушност и со други мерки.
„По повод изнесените обвинувања од страна на Агенција за храна и ветеринарство, денес одржав прес-конференција на која јавно реагирав и побарав итно спроведување на правосилното и извршно решение донесено на 5 март 2024 година, со кое е изречена мерка за одземање на добиток согласно член 36 од Законот за заштита и благосостојба на животните“, се вели во изјавата на Митовски.
Тој нагласи дека обидите за префрлување на одговорноста кон општината се правно неосновани и не ја менуваат фактичката состојба бидејќи решението е донесено од страна на Агенцијата, правосилно е и извршно од април 2024 година, но до денес не е спроведено.
„Надлежноста за донесување и спроведување на мерката за одземање е исклучиво на Агенцијата и дека општината нема законска основа да ја преземе таа надлежност. Во таа насока, институционалната одговорност не може да се релативизира преку јавни соопштенија“, изјави градоначалникот на Крива Паланка.
Тој додаде дека во меѓувреме, проблемот со добитокот што со години предизвикува штети во Крива Паланка продолжува да создава последици врз јавните површини, приватниот имот, безбедноста во сообраќајот и благосостојбата на животните.
„Општината останува подготвена да обезбеди логистичка и кадровска поддршка за спроведување на решението, но не може и нема да ја преземе законската надлежност на државна институција“, истакна Митовски и порача дека времето за меѓуинституционално препукување е завршено и дека очекува постапување на терен, согласно сопственото правосилно и извршно решение.