Ахмети не го дава Бујар Османи


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, нема намера да го промени списокот на министри предложени за новиот владин кабинет. Како што пренесе агенцијата ИНА, Артан Груби ќе биде министер за политички систем, додека Бујар Османи ќе биде министер за надворешни работи, а со цврста поддршка зад нив стои Ахмети.

Денеска ќе се организира последната средба со групата пратеници и членовите на претседателството кои изразија спротивставување на кандидатурите, предводени од Изет Меџити. Без оглед што таа не е почната се уште, најавено е дека Ахмети ќе даде зелено светло за испраќање на предлозите за министрите до Собранието, за да од утре почне процедурата за  гласањето за новата влада на коалицијата со СДСМ и другите партии.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека кога ќе се одберат потпретседателите на Соранието ќе го достават предлогот за избор на новата влада.

„Прво парламентот мора да го утврди бројот на потпретседателите во парламентот и уште некои други одлуки, а исто така треба да го верифицира мандатот на следните пратеници кои доаѓаат од листите. Штом заврши Собранието со сите овие претходни постапки, веднаш ќе го доставам предлогот за влада и владината програма до парламентот“, рече Заев, кој одговори потврдно на прашањето дали станува збор за пратеници кои се следни на листа на пратеници откако некои беа предложени за министри.

Инаку, Демократската унија за интеграција во новата влада ќе ја предводи 6 министерства:

Министерство за финансии – Фатмир Бесими

Министерство за надворешни работи – Бујар Османи

Министерство за политички систем и прв вицепремиер, Артан Груби

Министерство за економија – Крешник Бектеши

Министерство за екологија – Насер Нуредини

Министерство за информатичко општество и администрација – Јетон Шаќири