Ахмети: Македонците ќе си го зачуваат идентитетот само со нас


Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска од свечената академија по повод одбележувањето на 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор кажа дека сопственоста на држава за која размислуваа во 1990-тите години треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото.

„Македонците како нација можат да напредуваат само во добра комуникација, хармонија и однос со Албанците. Во спротивно, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. А ова не ви го кажувам само овде, им го кажав на сите политички претставници на македонската заедница. Само со нас, со соработка и заеднички живот можат да си ја зачуваат својата историја, својот национален идентитет, инаку им е судено да не постојат. Така што, нека биде ова комеморација на 23-годишнината од Охридскиот мировен договор кој има посебна заслуга за тоа што оваа земја не беше поделена, не се раздели, затоа што не прифати ОВК, туку прифати целосен договор меѓу двете заедници и малите заедници во нивните области каде што живеат. Затоа, ние го штитиме, се бориме овој договор ниту да биде прекршен ниту загрозен, затоа што е спас и за Албанците и Македонците како две најголеми заедници. Сопственоста за која размислуваа во 1990-тите треба да се заборави затоа што заедно сме сопственици и заедно сме господари и на доброто и на лошото. Во оваа ситуација, какви драматични и опасни случувања има во Европа, недалеку од нас , навистина сите треба да мислиме дека Европа е во пламен и во војна“, рече Ахмети.

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи зборуваше  за нацртот на Пол Вилијамс каде што, како што нагласи, се целат на мерки и практики за етничка еднаквост по примерот на Северна Ирска, Белгија и Швајцарија, но и на други демократски држави.

„Ние внимателно ќе ги вклучиме принципите и успешните практики од овие држави, надградувајќи ги со наши воспоставени принципи за да се обезбедиме од неодамнешните ирационални дејства“, изјави Османи.

 

Лидерот на Алијанса за Албанците од неговото крило, Зијадин Села рече дека Европскиот фронт ќе постапува врз основа на ден од постулатите на Охридскиот договор и конкретизира:

„Охридскиот договор не беше договор направен за државата, бидејќи државата постоеше и пред тоа. Охридскиот договор не беше ни направен за моќ, бидејќи овластувањата постоеја и пред потпишувањето на меморандумот за разбирање. Охридскиот договор е направен за правото, достоинството и еднаквоста на граѓанинот без разлика на неговата етничка припадност и затоа што повеќе се крши кога станува збор за албанскиот народ овде во Македонија“.

Во рамки на дискусиите беше поделен и документ од ДУИ, во кој се наведува толкување на Охридскиот договор со акцент на учеството во власта на партиите од албанскиот блок. Во него стои дека последните политички случувања со новата коалициска влада, формирана како резултат на изборите одржани во мај 2024 година, сериозно ги загрозиле темелите и основните принципи на Охридскиот мировен договор. Според оценката, тие дејствија ги лишуваат албанската и другите заедници од стандардите за политичко учество кои државата ги постигнала досега, со што се нарушуваат принципите на Охридскиот договор и со тоа и демократскиот поредок на Северна Македонија.„

„ Оваа ситуација е проблематична: Која е тогаш смислата за постоењето на етнички политички партии и која би била причината за една етничка заедница да излезе и гласа на избори, ако на крајот претставниците на заедницата се избираат преференцијално од етничката македонска победничка партија? Флагрантното прекршување и игнорирање наполитичката и изборна волја на втората поголемина заедница во земјата, албанската заедница, како и на малцинските заедници, е воспротивност со амандманот VI на Уставот на Северна Македонија и со принципот на правично претставување“, стои во документот.

Ахмети и коалицијата „Европски фронт“денеска со посебен настан во хотелот „Александар палас“ во Скопје го одбележа денот кога пред 23 години во претседателската резиденција на Водно беше потпишан Рамковниот договор.