Ахмети го почна формирањето на Европскиот фронт, поканети и партии на други етнички заедници

Според Ахмети, во тек се разговори и за приклучување и на ДПА на Мендух Тачи, партијата на Аријанит Хоџа, на крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците


Али Ахмети со Скендер Реџепи на официјализирањето на соработката (Фото: Б. Грданоски)

 

Со „Одата на радоста“ започна денес прес конференцијата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со која го најави формирањето на Европскиот фронт на ДУИ, во кој засега потпис стави само Скендер Реџепи – Зејд од Народното движење.

Според Ахмети, во тек се разговори и за приклучување и на ДПА на Мендух Тачи, на Европска демократска партија (ЕДП) на Аријанит Хоџа, на крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците и на партиите на Бошњаците, на Турците и на Ромите во Македонија, со што ДУИ за првпат излезе од албанскиот изборен формат. На прашањето дали има место и за партијата на Изет Меџити ако се премисли, Ахмети кратко му порача „да си го тера своето“ што го почнал. 

Генерално, Ахмети ги повтори истите заложби и тези како и пред претходните избори, со главна поента  дека Албанците секогаш губат – кога не се обединети. Тој ја повтори и омилената порака дека ДУИ има мисија и дека пред да биде денес тука Албанците биле дискриминирани и игнорирани, дека кога барале знаме  биле убивани, кога барале универзитет  исто така биле убивани, за да го добијат потоа единствениот универзитет создаден со крв, лоциран на местото на касарните на Ратко Младиќ.

Фото: Б. Грданоски

„По 23 години успеавме. Постепено, сите заедно, бидејќи големите нешта не се прават сами. Ова обединување на Албанците во РСМ ни треба бидејќи настаните на глобално ниво одат лошо“, порача Ахмети тврдејќи дека нема ништо против политичките партии но тие немаат капацитет да се соочат со случувањата во Европа и Блискиот Исток. 

На преставниците на бошњачката, ромска и турска заедница тој им најави дека ќе ги преставува чесно  и ги повика нив и другите албански партии да ги поддржат овие обиди бидејќи „доаѓаат од срцето“. 

„Албанците секогаш губеа кога не беа обединети. Од денес сме едно тело, еден народ“, рече Ахмети иако реалноста не е баш таква во албанскиот блок. 

„Да ги зајакнеме нашите позиции. Да не паѓаме во заседата на пропагандата на партиите туку да ја држиме во живот мисијата  и да го поддржиме кандидатот за претседател Бујар Османи, а на 8 мај да го поддржиме Албанскиот фронт“, повика Ахмети. 

Објаснувајќи зошто ДУИ сака во ЕУ тој рече дека само така ќе го запреме иселувањето и дека не само ние во РСМ, туку и целиот регион има потреба од мир. Според него, Русија има интерес да отвора нови жаришта за да може да ја одржи окупацијата на Украина, а Западниот Балкан е едно од местата каде што се обидува тоа, тврдејќи дека оваа држава има медиуми, има партија и има милитанти во Македонија , т.е. е присутна во нашата земја. Тој оцени дека гласањето за претседател и за Парламентот треба да биде референдум кој ќе ја одреди иднината, односно дали ќе одиме напред или ќе стоиме на место, поздравувајќи на крајот со зборовите „Господ нема ни е на помош“ и „да живее албанскиот народ“. 

Наедно тој не пропушти да каже дека од големо значење е да се усвојат уставните измени по изборите бидејќи „мисијата на ДУИ е ЕУ“.

Али Ахмети (Б. Грданоски)

Запрашан за измените на Законот за рестриктивни мерки тој потврди дека е заглавен во Собранието и, иако Рамиз Мерко е на една од нив, тие ќе ги прифатат сите оценки на САД бидејќи ги сметаат за стратешки партнер заедно со ЕУ.

Лидерот на Народното движење, Скендер Реџепи најави промени во судството и обвинителството и најави дека Европскиот фронт ќе докаже дека има доволен капацитет да покаже не дека само ќе ги освои изборите туку многу повеќе. Ги повика во Европскиот фронт да се приклучат и други политички субјекти и невладини организации.

„Политиката е процес што покажува дека имаме животни, социјални, образовни, а не верски проблеми. Ние што сме за политички процеси и за здрави чекори, денеска за нас е историски ден. Денеска се отвора поглавје кое се нарекува „Европски фронт“ и кој ќе се памети долго, бидејќи овој фронт ќе биде носител на промени и  на подобрување на животниот стандард. Овој фронт ќе биде добар бидејќи нашето општество без етнички проблеми ќе биде подобро општество. Овој фронт е почеток, иницијатива која ќе докажува дека ние нашите целиги постигнуваме со работа и со долгорочни дела. Овој фронт е составен од два политички субјекти – ДУИ, која веќе 22 години е дел од владата и Народното движење кое ќе биде најголемото нешто во политиката во иднина, зошто промените ги прават тие кои се на вистинското место во вистинско време“, кажа Реџепи по потпишувањето на коалицијата. (С.Ј.)