Агелер вознемирена и разочарана од неспособноста на судовите и вратените пресуди

Вратените пресуди за неколку високопрофилирани случаи го тенчат трпението и довербата на стратешкиот сојузник на Македонија – САД


Фото. Б. Грданоски

 

Со зборови полни со прекор американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер, им испратила писмо на највисоките владини и судски раководители во кои наведува дека случувањата во Апелацискиот суд во Скопје и вратените пресуди за неколку високопрофилирани случаи го тенчат трпението и довербата на стратешкиот сојузник на Македонија – САД.

Агелер го испратила писмото уште на 11 април, а детали од него денеска објави Алсат, наведувајќи дека адресите биле премиерот, министерот за правда, за надворешни работи, раководителите на Врховниот суд и аплециските судови, а веројатно и на некои други адреси.

Иако, според она што го пренесува Алсат, писмото е во нејзино лично име, Агелер ги изразува ставовите на американската администрација за потклекнувањето на судските институции и поради тоа амбасадорка е „сѐ повеќе загрижена и разочарана“.

„Секој ден сум се повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелацискиот суд ги враќа во првостепена постапка на повторно судење. Разбирам дека може да има неколку причини за враќање на предметите, но се чини дека зголемениот број на вратени предмети и задоцнетата правда во правните постапки станува практика. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги префрлат предметите по судење до Апелација, и нивното враќање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд, дополнително ја намалува и онака ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, стои во писмото.

Од американската амбасада потврдија дека навистина е испратено такво писмо, но дека не откриваат детали од нивната кореспонденција.

Агелер во него наведува дека САД потрошиле над половина милијарда долари во Македонија за последниве 30 години за владеење на правото и дека резултатите не само што се ниски, туку и продолжуваат да се намалуваат.

„Повеќе од 30 години, САД ја поддржуваа Северна Македонија во нејзините цели, вклучувајќи го владеењето на правото и ефикасното владеење. Потрошивме над 560 милиони долари за да помогнеме во овие области, вклучувајќи обука и програми за повеќето обвинители и судии. За жал, се плашам дека нискиот резултат од оваа инвестиција ќе продолжи да се намалува“, пишува во него.

Во писмото, до кое Алсат дошол од извори во Владата, главно се наведуваат случаите кои предизвикаа голема загриженост и бурни реакции во домашната јавност, а кои се однесуваат судските процеси против поранешни високи државни функционери кои го прекршиле законот и го оштетиле државниот буџет. А учествуваа и во кршењето на човековите права и упадот во Собранието на 27 април.

Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, денеска одговарајќи на новинарско прашање, рече дека нема дилема оти станува збор за сериозен проблем и дека се надева оти укажувањата кои доаѓаат од меѓународните партнери на Македонија, конечно, ќе почнат да влијаат на правосудните органи.

Голем дел од случаите поради кои Агелер го испратила писмото се однесуваат на човекот кој е на црната листа на САД – Сашо Мијалков. Апелацискиот суд го врати на повторно судење случајот кој беше срцевината на скандалот со прислушувањето, познат во јавноста ка „Таргет-Тврдина“. На 7 април настапи апсолутна застареност на делото за кое Мијалков се гонеше во случајот „Титаник 2“ во врска со локалните избори во 2013 година.

Истиот образец се примени и во предметот „Трезор“, кој се однесува на начинот на набавка на британска опрема за следење на комуникациите, а каде ексшефот на УБК беше осуден на осум години затвор. Апелација во ноември 2022 година соопшти дека ја укинува пресудата и во моментов, исто како и за „Таргет-Тврдина“, во тек е повтореното судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

На 24 март 2023 Апелацискиот суд ја преиначи во условна казната од една година три месеци затвор за Мијалков во случајот „Плацови на Водно“ за кривичното делот перење пари.

На почетокото на април Апелацискиот суд ја укина и пресудата за поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кои беа осудени како организатории на упадот на 27 април. За сите нив беа определени вкупно 25 години затвор.