Агелер: Притисоците врз судството во Македонија мора да запрат


Притисоците врз судството во Северна Македонија  мора да запрат. Судиите мора да носат одлуки засновани на закон – порача денес во своето обраќање на конференцијата на Уставниот суд амбасадорката на САД, Анџела Агелер.

Според неа, независноста на судството денес е исто толку суштинска, исто толку витална и критички важна како што била секогаш, па повика секој од нас да ја брани  бидејќи притисоците врз судиите, дури и во САД, можат да бидат огромни. 

„Уставниот суд на Македонија има незаменлива одговорност за заштита на човековите права на македонските граѓани, вклучувајќи ја и слободата на говор и владеење на правото. Секој  треба да ја брани независноста на судството.Секој од нашите судови – во САД и овде во Северна Македонија – игра суштинска улога во обезбедувањето добро владеење и транспарентно и правично општество. Секој мора да ја брани судската независност, да биде слеп за политиката и дневното јавно мислење и да се води според принципите содржани во нашите Устави. Судијата на Врховниот суд, Хуго Блек, кој до ден денес се смета за еден од нашите највлијателни судии, еднаш рече: „Нашиот Устав не беше напишан во песок за да го измие секој бран на нови судии што ги дува секој последователен политички ветер“.

Тоа е точно и овде. Притисоците со кои се соочуваат судиите во највисоките судови на нашите земји може да бидат огромни, иако ние граѓаните инсистираме дека тие притисоци мора да се игнорираат, дека нашите судии мора секогаш да бидат непристрасни без оглед на нивното индивидуално потекло и лични ставови.

Додека двете наши земји се подготвуваат за претстојните избори, независноста на судството е витална, суштинска, клучна, како и досега. Само автономија во рамките на судството може да го заштити владеењето на правото и демократскиот поредок.

Судиите мора да дејствуваат балансирано и со интегритет. Многу добро ги знам притисоците со кои се соочуваат тие – и вие. Слушнав детали за тој притисок од многумина од вас директно. Многу силно верувам дека за доброто на оваа земја и за доброто на нејзините граѓани, притисокот врз судството во Северна Македонија мора да престане. Судиите мора да бидат слободни да носат одлуки врз основа на закон – точка. Не врз основа на закани или ветувања од оние надвор од судовите. Тоа им треба на граѓаните на оваа земја од вас и сè почесто го бараат тоа, рече Агелер ветувајќи дека во идните предизвици САД ќе продолжат да стојат зад Судот.