Агелер: Мицкоски рече дека амбасадори се мешаат, се надевам не мислеше на мене!
Се разгледуваат голем број на случаи и повеќе имиња се под проверка, вели американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер во врска со црната листа на САД.
– Има многу случаи кои се разгледуваат, тоа е секогаш така и како што ќе напредуваат тогаш нас ќе не информира Вашингтон. Можам да ве уверам дека тој процес секако е во тек. Не сум сигурна кога ќе биде објавено следното име или имиња, но можам да кажам дека повеќе имиња се под проверка, истакна Агелер, додавајќи дека не може да прецизира кога ќе биде објавена следната листа со имиња.
Во однос на корупцијата, Агелер во вечерашното гостување на телевизија Сител, рече дека корупцијата е рак рана во општеството и влијае на сите аспекти на животот во земјава и дека мора да се соочиме со неа. Корупцијата, вели Агелер, не е застапена само во судството, туку е во секој аспект на животот овде.
– Секаде каде што патувам низ земјата слушам за фрустрацијата на граѓаните од нивото на корупција. Во голем дел зборуваме за добро работење на судството, но како што знаете, корупцијата е во секој аспект на животот овде, таа е во здравството, образованието и влијае врз граѓаните секој ден, рече Агелер.
Во врска со најавите на премиерот Христијан Мицкоски за можно распуштање на двата највисоки правосудни органи Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, Агелер вели дека тоа се одлуки кои треба внимателно да се разгледаат, како и дека постојат препораки и патоказ даден од експерти на Европската унија.
– Европската унија испрати експерти овде да погледнат како може да се реформира Судскиот совет и другите аспекти на судството. Тие дадоа предлози и препораки и знам дека премиерот ги разгледува. Тоа не се одлуки за брзо донесување, туку тие треба внимателно да се разгледаат, какви се импликациите и резултатите од ваквите одлуки, а потоа да се продолжи на претпазлив и внимателен начин. Премиерот имаше изјава дека мисли дека амбасадори се мешаат во внатрешните работи, зборувајќи за реформите во судството и борбата против корупцијата, искрено се надевам дека тој не мислеше на мене, рече Агелер.
Во врска со изборите во САД, амбасадорката Анџела Агелер рече дека без разлика на исходот од изборите, САД ќе останат силен пријател, сојузник и партнер на земјава.
– Нашето пријателство и поддршка нема да се променат. Тоа ќе остане цврсто и може да ве уверувам дека додека сум овде како амбасадор ќе направиме се што можеме да ги поддржиме програмите на кои напорно работевте дури од независноста, изјави Агелер.
Таа смета дека е добро што претседателката Гордана Силјановска-Давкова утре ќе оди во Софија каде, според бугарските медиуми, се очекува да се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
– Според мене е одлично што претседателката оди во Бугарија на покана на претседателот Радев. Овие врски во регионот се многу важни, бидејќи сте соседи. Колку се посилни односите меѓу соседите, толку побезбедна, попросперитетна и стабилна може да биде секоја земја, рече Агелер.
Во однос на именувањето на нови членови на Историската комисија со Бугарија, Агелер вели дека историјата е важна, но дека исто толку е важно да се разговара и за иднината.
– Една од работите што ги разговарав и со претходната влада и сега со оваа нова Влада е тоа дека историјата е многу важна, таа не дефинира сите нас. Нашата историја како држави не донесе таму каде што сме денеска. Не само што е важно да се разговара за историјата, знам дека ова е дел од билатералните и меѓународните договори, исто така е важно да се разговара и за иднината. Мојата основна надеж е дека како што зборуваме за споделената историја која Северна Македонија ја има со своите соседи, посебно со Бугарија, исто така зборуваат како ќе одиме напред во однос на транспортот, енергетиката, образовните размени… се надевам дека не гледаат само во историјата, туку дека гледаат и кон иднината, рече Агелер.