Агелер на средба со спикерот Митрески
Претседателот на Собранието Јован Митрески денеска оствари средба со Анџелас Агелер, амбасадорка на Соединетите Американски Држави во земјава, со која разговараа за приоритетните активности во законодавниот дом во наредниот период.
Амбасадорката Агелер му честиташе на претседателот Митрески за изборот на новата позиција и му посака успешно извршување на функцијата. Таа нагласи дека Македонија во САД секогаш ќе има пријател и голем поддржувач.
Претседателот Митрески се заблагодари за континуираната поддршка што САД и ја дава на нашата земја како во однос на реформските процеси, така и во однос на нашиот евроинтеграциски пат кон полноправно членство во Европската Унија. Тој нагласи дека македонските граѓани особено го ценат стратешкото партнерство со САД, кое претставува столб за силната билатерална соработка меѓу двете држави.
Двајцата соговорници се осврнаа на приоритетите на Собранието во периодот што следува, односно до почетокот на изборната кампања, но и ја нагласија потребата од парламентарен дијалог меѓу пратениците од парламентарното мнозинство и опозицијата, што е клучно за ефикасна работа на Собранието.
Митрески истакна дека во наредниот период Собранието ќе работи интензивно, негова обврска е да ги процесуира предлозите што доаѓаат до Собранието, независно дали како предлагач е Владата или група пратеници.