Аеродром со 138 милиони денари реконструира 18 улици или 5,4 км


Денеска започна реконструкцијата на сообраќајница во Мичурин . Се работи за улицата „Симеон Кавракиров“, каде на увид денеска беа градоначалникот на Општина Аердором, Дејан митески и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

– Ова не е само реконструкција – ова е инвестиција во безбедноста, мобилноста и квалитетот на живот. Со должина од 485 метри, улицата претставува витална артерија низ која секојдневно се движат голем број граѓани. Проектот за „Симеон Кавракиров“ опфаќа: целосна обнова на коловозот, модерни и безбедни тротоари, нова асфалтна конструкција – 3950 м² асфалт и 2305 м² тротоари со бехатон.

Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува 22 милиони и 630 илјади денари.

Со оваа реконструкција, „Симеон Кавракиров“ добива нов, современ изглед и значително подобрена функционалност, што директно придонесува за побезбеден и поефикасен сообраќај. Реконструкцијата е во рамките на голем инфраструктурен зафат на Општина Аеродром – вкупно 18 улици, во должина од 5.4 километри и вкупна вредност од 138 милиони денари.

„Денеска присуствував на почеток на реконструкција на 19 улици во Општина Аеродром.
Станува збор за вкупен обем на улици и придружна инфраструктура, во вредност поголема од 130 милиони денари, меѓу другото тоа се неколку проекти коишто веќе се реализираат од страна на програмата на Владата за финансирање на проекти во општините“, рече премиерот Мицкоски.