„Адора инженеринг“ бара помош за да ја стави под контрола БЕГ


„Адора инженеринг ДООЕЛ Скопје“ на никаков начин не е вклучена во оперирањето со производството и испораката на топлинска енергија во Скопје и нема никакво влијание и контрола врз нејзиниот квалитет.

„По реакциите на граѓаните за квалитетот при испораката на топлинска енергија во Скопје, сакаме да ја информираме јавноста дека ‘Адора инженеринг’ нема никакви ингеренции и улога во производството и испораката на топлинска енергија, а со тоа и во настанатата ситуација. Впрочем, иако ‘Адора инженеринг’ на јавна лицитација ги купи топланите Исток и Запад, во моментов лиценциран производител на топлинска енергија во главниот град е Производство на топлина – Балкан Енерџи ДООЕЛ Скопје (БЕГ)“, соопшти „Адора инженеринг“.

Оттаму додаваат дека Групацијата „БЕГ АД Скопје“ ги оперира и е одговорна за квалитетно производство и испорака на топлинска енергија во Скопје. Лиценцирани компании кои го снабдуваат градот со топлинска енергија се компаниите од групацијата „БЕГ АД Скопје“, која е единствен правен субјект кој го менаџира производството, дистрибуцијата и снабдувањето со топлинска енергија во главниот град.

„Сакаме да потенцираме дека во овој момент, ‘Адора инженеринг’ и БЕГ немаат воспоставено никаков партнерски однос. ‘Адора инженеринг’ во септември 2021 година ги купи од ‘Топлификација АД во стечај’“, топланите Исток и Запад и основните средства за производство на топлинска енергија. До денешен ден, овие основни средства не се предадени на ‘Адора инженеринг’ и со нив управува ‘Производство на топлина Балкан Енерџи ДООЕЛ’, фирма ќерка на групација БЕГ АД Скопје“, соопшти „Адора инженеринг“.

Производството на топлинска енергија е регулирана дејност за јавно добро на граѓаните, каде што еден од основните услови за добивање лиценца за производство на топлинска енергија е да си сопственик на топланите и основните средства за производство на топлинска енергија или да имаш договор за нивен закуп.

„Адора инженеринг“ од институциите на државата очекува правна заштита во насока на разрешување на моменталните и идни партнерски односи со корисникот на топланите и компетентните институции на државата, под чија надлежност е оваа регулирана дејност, при тоа почитувајќи ги сите законски прописи со што ќе се овозможи заштита на вложениот домашен капитал, зачувување на јавниот интерес и подобрување на условите кон корисниците.

„Адора инженеринг“ се надева дека настанатата ситуација ќе има благовремена разрешница, а сè во интерес на јавното добро и на граѓаните.