Адем Чучуљ едногласно изгласан за нов претседател на ДКСК
Собранието на денешната седница го избра Адем Чучуљ за нов претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). Од вкупно 82 пратеници кои гласаа, Чучуљ доби едногласна поддршка со 82 гласа.
Огласот за избор на нов претседател беше објавен уште летово, но постапката беше прекината поради локалните избори. Од вкупно 13 пријавени кандидати, селектирани беа 10.
Тој доаѓа на местото на Татјана Димитровска, која поднесе оставка поради обвиненија во случајот „Адитив“ за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.
Претходно, по усвојувањето на дневниот ред, Собранието на денешната седница ги избра Ана Тромбева-Гавриловска, Марко Спасов, Мурат Алиу, Бертон Сулејмани, Агим Хазири и Никица Мојсоска-Блажевски за членови на Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност. Исто така, беше донесена одлука за објавување јавен оглас за избор на членови на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Седницата продолжи со расправа по предлог на одлука за основање на Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во Република Северна Македонија.