АЦВ со зголемен капитал и ликвидност, извештајот за 2024 усвоен од собраниската комисија

Собраниската Комисија за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање денеска без дискусија и едногласно со шест гласа „за“ го усвои Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година.
Претходно, претседателот на Комисијата ги извести членовите на Комисијата, дека Владата на Република Северна Македонија не доставила мислење по овој материјал.
Претставникот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Драги Стојаноски, директор на Агенцијата за цивилно воздухопловство, го образложи Извештајот за реализација на годишната програма за работа и развој на Агенцијата за цивилно воздухопловство за 2024 година, заедно со пропратните документи доставени кон истиот.
Според податоците од извештајот, вкупната нето сметководствена вредност на средствата на Агенцијата на крајот на 2024 година изнесува 400.880.923 денари, што претставува зголемување од 11,80 проценти во однос на претходната година.
Ова зголемување, согласно извештајот, се должи на растот на тековните средства за речиси 14 проценти, зголемување на капиталот и резервите за над 17 проценти, како и на благо намалување на обврските за нешто над 5 проценти.
Во текот на 2024 година, Агенцијата остварила добивка пред оданочување во износ од 51.593.010 денари, а добивка по оданочување од 46.254.925 денари. Финансискиот резултат е резултат на зголемени приходи за 7,29 проценти и зголемени расходи за 10,87 проценти во споредба со претходниот период.
Капиталот и резервите на Агенцијата се зголемени за 17,13 проценти, а нето паричниот прилив од сите активности во 2024 година изнесува 44.871.282 денари.
Најголем дел од приливот доаѓа од оперативните активности, додека вложувачките и финансиските активности бележат нето одлив.
Показателите за работењето укажуваат на висок степен на финансиска стабилност, ликвидност и деловна успешност, како и на соодветен пораст на надоместоците за вработените поврзани со нивно професионално усовршување.
Дополнително, споредбата меѓу планираните и остварените приходи и расходи покажува дека приходите се надминати за 3,31 процент, додека расходите се пониски за 14 проценти од предвиденото, што укажува на ефикасно и рационално управување со ресурсите.
Заклучокот, заедно со извештајот на Комисијата, ќе биде доставен до Агенцијата за цивилно воздухопловство и Владата на Република Северна Македонија.