Наследството на автократите
Некои автократи, како Вучиќ, не можат да смислат да се најдат во поинаква улога од онаа во нивниот корумпиран режим. И по падот од власта тие живеат во некаква илузија дека настаните воопшто не се случиле
Германскиот весник „Зидојче цајтунг“ пред некој ден објави коментар со наслов „Унгарија по Орбан: Наследството на авторитарците е уште поразорно отколку што се мислеше“.
Авторката Верена Маер во него тврди дека поткопувањето на владеењето на правото и демократските институции неизбежно резултира со огромни материјални загуби за обичните граѓани. Повикувајќи се на секојдневните скандали – вклучувајќи го и апсењето на братот на Виктор Орбан поради наводна трговија со визи и акцијата на полицијата која откри речиси 18 милиони евра во готово поврзани со поранешен министер (дел од нив ископувани во шума) – текстот ја истакнува проценката на Унгарскиот орган за интегритет, според која вкупната штета од корупција под Орбан е 168 милијарди евра. Маер заклучува дека Унгарија покажува зошто кампањите против корупцијата станаа одлучувачки во победата над вкоренетите автократи.
Секој ден излегуваат на виделина нови скандали. Арон Орбан, помладиот брат на Орбан, беше уапсен поради тоа што користејќи го влијанието што го имал овозможувал визи за виетнамски имигранти. Се разбира, за добра надокнада. Во исто време кога неговиот брат – премиер, водеше крстоносна војна токму против имигрантите и врз таа војна ја темелеше целата негова политика.
Писмото на Арон Орбан
Во четвртокот се појави уште детаљ од ова наследство на автократите, поврзано со братот на поранешниот премиер.
„Арон Орбан“ – ова е потписот што се користи во е-поштата испратена до унгарскиот амбасадор во Ирак во 2023 година. Писмото е објавено од државниот секретар во Министерството за надворешни работи, за да го поткрепи тврдењето дека помладиот брат на поранешниот премиер се обидел да ја организира трансакцијата за визи на неговата компанија, наведувајќи ги своите семејни врски.
Арон Орбан го испратил писмото на 21 август 2023 година до тогашниот амбасадор во Багдад, од кого побара помош при организирањето визи. „Љубезно ве молам за помош при предлагање датуми за 16-те лица во прилогот. Сè е подготвено од нашиот партнер тука за да ги прими и тие да започнат со работа, а потоа веројатно ќе има уште три групи“, се вели во писмото. Според прилогот, помладиот брат на премиерот се обидел да организира визи од тип Ц за 16 лица преку унгарската амбасада во Ирак.
Ова се само неколку случаи за огромната корупција што излегуваат на површина по смената на власта во Унгарија. Оние што знаат унгарски и ги следат тамошните медиуми може да полнат цели тефтери за ужасниот грабеж што се случувал во Унгарија за 16-те години на владеењето на Орбан. Корупцијата беше ‘рбетот на тој режим и откривањето на злоделата покажува навистина колку е големо ова „наследство“ на автократите.
Анкетите на јавното мислење во Унгарија покажуваат постојан пад на некогаш владејачката Фидес. Тоа не е невообичаено за губитниците на изборите. Овој феномен е особено изразен сега, бидејќи голем дел од гласачите не познаваат друга влада освен Фидес, а оние под 35 години во текот на нивниот возрасен живот немале можност да видат друг премиер освен Виктор Орбан.
Затоа промената на владата е еден вид нов почеток за помладата генерација, а во овој поглед очекувањата и оптимизмот во Унгарија се слични на оние во Србија по промената на режимот на Александар Вучиќ. Но има разлика во настаните во Унгарија и во Србија. Освен што е избран претседател на собранието во Србија новите власти допрва треба да се формираат. Можеби тие ќе се формираат во наредните 60 дена. Додека дојде новата влада во Србија течат апсењата, а во Унгарија владата на Петер Маѓар пристапи побавно и правно повнимателно, со претходно формирање на специјални институции.
Во Унгарија прво создадоа ново тело наречено Државна канцеларија за враќање на имотот. Ова значи дека целиот нелегално стекнат имот треба да се врати, односно луѓето одговорни за криминални активности треба да одат во затвор.
Величењето на Ратко Младиќ ја помина црвената линија
Наследството на автократите наеднаш почнува да се урива како никогаш да не било создадено. Бруталните тешки обвинувања од Европската народна партија за Српската напредна партија на Александар Вучиќ и предлогот за суспензија на нејзиното придружно членство за една година покажува дека на автократите кога-тогаш им паѓа знаменцето додека играат партија шах.
Во документот направен за време на внатрешната ревизија се наведува дека во текот на годините на владеење на СНС, Србија назадувала во областа на демократијата. Се наведуваат проблеми со владеењето на правото, изборниот процес, независноста на судството, слободата на медиумите и врските со организираниот криминал. Улогата на раководството на СНС во погребот на Ратко Младиќ, поддржан од државата, издвоена е како пресвртница.
Во делот посветен на борбата против корупцијата, помилувањата на Вучиќ пред да ја напушти функцијата се оценети како поткопување на принципите на одговорност и борбата против корупцијата. Процесуирањето на главните учесници во нападот во Бањска во септември 2023 година беше наведено меѓу барањата поврзани со добрососедските односи. ЕПП бара прекин на политичката и изборната соработка со Српската радикална партија на Воислав Шешељ. Радикалните пратеници избрани на листата на СНС треба да формираат посебна група.
Специјално барање се однесува на раскинување со наследството на Милошевиќ, запирање на величењето на воените злосторници и негирањето на нивните злосторства. Пеењето песни што го величат Ратко Младиќ за време на изборната ноќ беше оценето како понижувачки во документот.
Можеме уште многу да наведеме од вивисекцијата на ЕПП на 14-годишното владеење на Александар Вучиќ. Ова е драматично раскинување со толеранцијата на ЕПП кон досегашниот режим.
СНС стана придружен член на ЕПП во октомври 2016 година, а клучна улога во ова одиграа германските христијански демократи кои не само што веруваа дека Александар Вучиќ е вистински проевропски лидер кој ги дели истите вредности, туку и ги убедуваа другите во ова. Вучиќ беше посебно заштитен од тогашната германска канцеларка Ангела Меркел. Вучиќ имаше голема поддршка од полскиот премиер Доналд Туск и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис.
Туск ќе остане запаметен поради супериорните пофалби што му ги упати на Александар Вучиќ, во својство на шеф на Европскиот совет. Во говорот во Белград, тој рече дека „никогаш во животот не видел поголем Србин од крв и месо од Вучиќ“ и дека Вучиќ ја има „прецизноста на Никола Тесла, ефикасноста на Новак Ѓоковиќ и шармот на српското оро“. Тие денови ги нема одамна. Пред повеќе од една година, ЕПП го започна процесот на преиспитување на статусот на СНС. Вучиќ и СНС ја преминаа црвената линија кога отворено го величеа Ратко Младиќ. Сега Вучиќ во неговото европско политичко семејство изгледа како дете од катран.
Можеби едно од најспектакуларните откритија за наследството на автократите е како нивната монументалност и гранитност всушност не биле тоа.
Според сведочењето на поранешната белгиска амбасадорка во Србија, Дениз де Хауер, за телевизијата Инсајдер Вучиќ ги повлекол безбедносните сили од Пионерскиот парк спроти Собранието по директен притисок од Европската унија за да не започне нешто што може да заврши со граѓанска војна.
На прашањето дали мисли дека Брисел ќе го следи поблиску она што се случува во Србија кога владата ќе ја формира Студентската листа поранешната белгиска амбасадорка рече дека ЕУ го сторила тоа „дури и пред падот на режимот на Вучиќ“.
Поранешната амбасадорка оцени дека Европската комисија имала благонаклон став кон Вучиќ во времето кога беше на власт, наведувајќи дека Брисел долго време ја ставал регионалната стабилност пред проблемите во функционирањето на српските институции.
„Вистина е дека ЕУ беше многу зафатена обидувајќи се да го одржи Западниот Балкан стабилен. Зачувувањето на стабилноста на Западниот Балкан значи и зачувување на стабилноста на Србија, бидејќи таа е многу важна земја на Западниот Балкан. Стабилноста на Западниот Балкан не е можна без стабилноста на Србија“, рече Де Хауер.
Таа изјави дека за да ја одржи стабилноста на Србија, ЕУ честопати ги затворала очите пред случувањата во земјата, но дека, по неколку години, критиките за таков пристап почнале да доаѓаат од самата Унија.
Таа оцени дека односот на европските институции кон Белград бил под влијание на врските на СНС со ЕПП, најмоќната политичка група во Европскиот парламент.
„Вучиќ беше претставник на српскиот народ, демократски избран, па немаше друг избор освен да соработувате со него. Она што се случи беше дека тој го манипулираше српскиот народ, но и Унијата“, изјави таа.
Де Хауер додаде дека секогаш кога Вучиќ сметал дека притисокот од ЕУ е пресилен или кога Европската комисија се заканувала дека ќе му одбие некои средства, тој дозволувал во Србија да се донесат некои минимални законски реформи или привремени закони. „Но, сето ова беше многу ограничено, за да не се урне неговиот автократски систем и за повторно Европската комисија да биде сочувствителна кон него“, рече Де Хауер.
Сепак, кога ќе се вратеше во Србија, пораката на Вучиќ била сосема поинаква – тој рекол дека ЕУ не ја разбира Србија и дека поставува строги услови само затоа што тоа е во интерес на Унијата, а не на Србија.
„Секако, тоа беше лага. Но, функционираше некое време, сè додека критиките не станаа навистина премногу силни. Последицата беше дека, за жал, демократијата во Србија продолжи да опаѓа. И, на крајот, можеби малку предоцна, ЕУ повеќе не му попушташе на Вучиќ. Дури и одзеде одредена финансиска поддршка од Србија“, рече таа.
Како една од главните причини зошто ЕУ понекогаш ги затвораше очите пред случувањата во Србија, Де Хауер наведе дека Вучиќ секогаш се претставувал како единствен кој може да постигне обврзувачки договор со Косово. Се разбира, тој не го реши прашањето со Косово.
Се разбира, Вучиќ, кој самиот се претставува како лидер кој можел да истрпи секакви притисоци и од најсилните, ги отфрли овие наводи. Сликата за себе не може сам да ја расипе.
Враќање на радикалските корени
Резултатот по 25 октомври е кошмарен за Александар Вучиќ. Неговото наследство на автократат се гледаше во првите три дена од констуитуирањето на новото собрание. Тој не може да излезе од својата стара улога да биде командант на сѐ што се случува во Србија, па продолжи да им дели лекции на пратениците од Студентската листа и да повторува – „Уживам во ова“. А на шефот на пратеничката група на Студентската листа, Јово Бакиќ, му рече: „Толку сте ми одвратен што не можам да ве гледам, затоа што сте жива слика на мојот пораз“.
Вучиќ во парламентот се врати на своите радикалски корени кога беше десна рака на Воислав Шешељ. Уште на самиот почеток на седницата се видоа тие радикалски инстинкти кога Вучиќ не ја испеа националната химна ниту ја изговори заклетвата, туку стоеше со камено лице без да ги мрда усните. Тој ги навредуваше пратениците од Студентската листа нарекувајќи ги левичарски екстремисти, марксисти и анархисти, обвинувајќи ги за „воспоставување атмосфера на терор“ откако победија на изборите.
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ напиша дека од овој радикалски театар во парламентот може да се заклучатдве работи.
„Прво, партиско-државната СНС, по 14 години континуирано владеење, ги смета демократските институции за приватни, односно партиски имот. И второ, Вучиќ и неговите луѓе сметаат дека секоја влада што не е предводена од СНС е нелегитимна“.
Тоа е дел од приказната на автократите како Вучиќ: нивната главна идеја е дека опозицијата е виновна за грешките на власта.
Виктор Орбан беше поелегантен во неговиот пораз. Расправите во парламентот на Унгарија се остри, но тој не го нарече шефот на парламентарната група на Тиса „лажго“, „криминалец“ и „дувло само по себе“, како што Вучиќ го оквалификува Бакиќ.
Некои автократи, како Вучиќ, не можат да смислат да се најдат во поинаква улога од онаа која ја имале во еден ужасно корумпиран режим. Тие и по падот од власта живеат во некаква илузија дека тие настани воопшто не се случиле. Други бегаат од земјата не можејќи да го поднесат нивното наследство за кое се оди во затвор. Како македонскиот автократ Никола Груевски.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)