Националниот џез оркестар со Kurt Elling на Guimarães Jazz 2026 во Португалија
Националниот џез оркестар ќе биде дел од завршната вечер на 35. издание на Guimarães Jazz, еден од најзначајните џез-фестивали во Португалија и Европа. На 21 ноември, во концертниот центар Centro Cultural Vila Flor (CCVF) во Гимараеш, оркестарот ќе настапи заедно со Kurt Elling, едно од водечките имиња на светската џез-сцена, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Средбата на препознатливиот вокален израз на Elling со богатиот оркестарски звук на Националниот џез оркестар, под водство на Џијан Емин, ќе биде претставена на главната фестивалска сцена.
Kurt Elling е еден од најистакнатите светски џез-вокалисти, со меѓународна кариера што трае повеќе од три децении. Во текот на својата кариера соработувал со бројни еминентни музичари, меѓу кои Branford Marsalis и Danilo Pérez, а настапувал и со престижни оркестри како New York Philharmonic. Добитник е на две награди Grammy во категоријата за најдобар џез-вокален албум.
Со овој настап, Националниот џез оркестар ја продолжува својата приказна на европските сцени, носејќи го македонскиот џез во друштво на врвни светски музички имиња.