Собранието ќе ги продолжи прекинатите опозициски пратенички прашања
Собранието на денешната 130.седница ќе продолжи со одржувањето на опозициски прашања, кои беа прекинати на 12 ноември по бараните паузи од пратеници од опозицијата.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши на брифингот со новинарите во понеделник се осврна на дилемите за прекинатата седница за опозициски пратенички прашања. Потенцира дека постоеле разни толкувања на Деловникот во однос на тоа дали паузите треба да се пресметуваат во предвидените два часа за поставување прашања.
– Има две одредби во Деловникот, кои укажуваат на тоа да се пресметува пауза во рамките на седница за пратенички прашања. Првата е таа што има одредба од Деловникот, која е одредена кога треба да заврши, тогаш не можеме паузите да ги сметаме, на пример, буџетот се носи пет дена, или ребалансот три дена или интерпелација до 12 часот навечер. Кога има јасна одредба, кога се вели два часа, тогаш тие два часа се предвидени. Во врска со втората, се вели дека пратеничките прашања почнуваат по утврдувањето на дневниот ред. Утврдувањето на дневниот ред беше во 11.30 часот и тие почнуваат да течат од тоа време, два часа. Сега, ако не ги користите за пратенички прашања, нормално паузата ќе ви ги истроши. Трета причина е затоа што министрите што ги викаме за пратенички прашања и тие знаат дека се два часа и си го планираат времето од тие два часа да се тука. И, четврто, традицијата. Значи, за овие две и пол години откако почна да се применува овој т.н. институт за пратенички прашања, секогаш почнувале во 11, 11.30 и завршувале во 13.30, 14 часот. Но, нормално, штом опозицијата имаше поинакво мислење, имаше поинаква интерпретација, мислам дека имаше слух и од мнозинството, се договоривме – во ред, нема да ја сметаме паузата, но и да бидеме внимателни, особено опозицијата да не бара пауза, да не си го крати своето време. Значи, се договоривме така некако џентлменски да внимаваме во иднина. Ако има пауза, ќе гледаме во иднина да не се смета тоа во тие два часа. Но, дотогаш такви беа размислувањата и одредбите во Деловникот – рече Гаши.
Пред пратеници во рамки на денешната седница се и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост во второ читање, Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на претседатели, заменици на претседателите, членови и нивни заменици на комисиите на Собранието на Република Северна Македонија, Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПС СЕ), Предлог-одлука за изменување на Одлуката за избор на шеф, членови и заменици членови на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во Парламентарната димензија на Централноевропската иницијатива (ПД ЦЕИ), Предлог-одлуката за изменување на Одлуката за основање на пратенички групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави и избор на претседатели и членови на пратеничките групи на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламенти на други држави, Предлог на одлуката за избор на членови на Советот за граѓански надзор, Предлог кандидатот за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, Предлогот на Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2027 година, Предлог на одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2027 година, Предлог на резолуцијата за миграциската политика на Република Северна Македонија 2026-2030 година, со Акциски план
На 130.седница се и неколку предлог-закони по скратена постапка – Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, Предлог на законот за изменување на Законот за рибарство и аквакултура, Предлогот на автентично толкување на член 23 ставови (1) и (2) од Законот за урбанистичко планирање и Барањето за давање на автентичното толкување на членот 17 од Законот за пожарникарство, а во врка со членот 2 став (2) од Законот за безбедност и здравје при работа, поднесено од пратеникот Славјанка Петровска.