Руте: Украинскиот напад врз мостот кон Крим е легитимен


Генералниот секретар на НАТО Марк Руте и британскиот министер за одбрана Вес Стритинг денеска оценија дека украинскиот напад врз мостот кон полуостровот Крим, што е изграден од Русија, е  легитимен и неопходен одбранбен потег, пренесе ДПА.

„Сметам дека е важно Украина да се брани“, рече Руте додавајќи дека тоа вклучува и напади врз логистички центри.

Стритинг изјави дека нападот е „уште еден пример за украинската досетливост и апсолутната решеност на Украина да се одбрани од руската агресија“.

„Ние стоиме покрај Украина додека таа го прави тоа“, додаде тој.

Двајцата функционери дадоа изјави на маргините на состанокот на Контакт-групата за одбрана на Украина, што се одржа во Брисел.

Украинската војска вчера изврши напад врз стратешкиот Кримски мост, познат и како Керченски мост, при што беше урнат главниот лак на патниот мост, како и дел од коловозот, потсети германската агенција.

Мостот, долг 19 километри, ја поврзува копнена Русија со полуостровот Крим, што властите во Москва незаконски го анектираа од Украина во 2014 година, и претставува клучна линија за снабдување на руските сили во јужна Украина, потсетува ДПА.

Украина го смета мостот за нелегална градба подигната на нејзина територија и во повеќе наврати се обиде да го уништи, со цел да го попречи руското снабдување, потсетува германската агенција.