Ши и Карни повикуваат на јакнење на врските меѓу Кина и Канада
Кинескиот претседател Ши Џинпинг и канадскиот премиер Марк Карни повикаа на подобрување на економските врски и развој на односите меѓу двете земји. Лидерите на Кина и Канада се состанаа пред самитот на лидерите на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК).
Состанокот се одржува во време кога Отава поминува низ период на тензични односи со САД и се стреми кон поблиска соработка со Пекинг.
Средбата се одржа еден ден откако Карни изјави дека Канада би можела да се сврти кон кинеските производители на автомобили ако трговските разговори со американскиот претседател Доналд Трамп не успеат да ја зачуваат интегрираната северноамериканска автомобилска индустрија.
„Подобрувањето и развојот на односите меѓу Кина и Канада е во интерес на народите на двете земји, а исто така придонесува за зачувување на светскиот мир, стабилност, развој и просперитет. Тоа е вистинскиот избор“, рече Ши.
Карни рече дека размената меѓу Канада и Кина се интензивирала во последните месеци и го пофали фактот дека сега има „поголема предвидливост и стабилност“ во нивниот однос.
„Стабилизацијата на нашите билатерални трговски односи покажува како можеме пошироко и попрагматично да соработуваме за решавање на проблемите“, рече канадскиот премиер.