СДСМ бара проширување на истрагата за претепувањето на Сара
Доста е од системски жртви, насилство врз жени, фемциди. Доста е од непостапувањата на Министерството за внатрешни работи, заштита на насилници, неказнивост само затоа што некој има врски со оваа криминална власт на локално или на централно ниво. Уште колку жртви се потребни за некој од власта да понесе одговорност, праша денеска на прес-конференција, Јована Тренчевска, пратеничка и потпретседателка на СДСМ.
Таа обвини дека Панче Тошковски има најголема политичка одговорност за потфрлување на превенцијата за непостапување на МВР и заштита на криминалците.
„Одамна требаше да си поднесе оставка, а не да чека. Позади секоја жртва на фемицид стојат бројни нерасчистени пријави и непостапувања. Последниот случај со насилството врз Сара од Охрид повторно потврди дека институциите не функционираат, не ја гарантираат безбедноста на жените и служат само како инструмент на власта за заштита од одговорност“, рече Тренчевска.
„Мицкоски, Тошковски, Савески – бараме проширување на истрагата. Насилникот од Охрид не е сам. Има родители кои сугерирале да се ослободи од делото и да го заташкаат. Има обвинител кој не постапил. Бараме најстроги казни за насилникот и за сите соучесници кои му помагале да го прикрие делото, доказите, извештаите или ја попречувале правдата. Бараме одговорност за сите пропусти и санкции за МВР, обвинителство, суд. Како пратеничка група на СДСМ и коалиционите партнери бараме итно донесување на заклучоците од надзорната расправа кои ќе овозможуваат функционалност на системот, не со укажување, не со препораки, туку со задолжување на институциите“, рече Тренчевска.
Таа побара и итно ставање на дневен ред на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените кои, како што рече, стојат во фиока од август месец, итна седница на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со присуство на Тошковски и Савески.
„Како жени нема да молчиме, туку силно ќе се спротивставиме. Нема да прифатиме во Македонија жените да живеат во страв, а насилниците да се чувствуваат недопирливи. Државата мора да биде посилна од насилството, а институциите мора да бидат на страна на жртвите“, рече Тренчевска.