Во Скопје ќе се одржи 20. Југоисточен европски медиумски форум
Под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“ во Скопје ќе се одржи дваесеттото издание на Југоисточниот европски медиумски форум (SEEMF 2026).
Форумот ќе се одржи во хотелот „Холидеј Ин“, а во фокусот на дискусиите ќе бидат предизвиците со кои се соочуваат медиумите, професионалното новинарство, јавната комуникација, како и улогата на медиумите во јакнењето на демократските процеси, отпорноста на општествата и европската соработка.
На форумот е најавено учество на истакнати претставници на медиумската заедница, комуникациски експерти, претставници на меѓународни организации и институции, како и на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Организаторите посочуваат дека форумот има за цел да поттикне регионален дијалог и размена на искуства за актуелните прашања поврзани со медиумите и комуникациите, како и да ја нагласи нивната улога во справувањето со современите безбедносни, политички и општествени предизвици.
Во текот на денот ќе се одржат повеќе тематски панели и дискусии посветени на состојбите во медиумскиот сектор, регионалната соработка и перспективите за развој на медиумите во европски контекст.