Купиле ИТ систем за 2,7 милиони евра за Агенцијата за вработување, а не платиле за одржување
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на информациски системи како ревизија на успешност на темата „Имплементација на безбедносни мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување“, со цел да даде одговор на прашањето „Дали имплементацијата на
безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е
ефективна во обезбедување на соодветна заштита на информациите и ИТ ресурсите?“
Со спроведената ревизија, беше опфатен периодот од 2021 до 2024 година, при што се стекна разумно уверување дека имплементацијата на безбедносните мерки и контроли во ИТ системот на Агенцијата за вработување е со слабости кои го загрозуваат целокупното ниво на ефективна заштита на информациите и ИТ ресурсите.
Во делот на ИТ управувањето, ревизијата утврди потреба од подобрување на стратешкото планирање, внатрешните политики и процедури, како и јакнење на човечките и техничките капацитети за управување со ИТ и информациската безбедност. Потребен е систематски пристап кон развојот на ИТ ресурсите, континуирано унапредување на знаењата и вештините на вработените и воспоставување соодветни механизми за управување со ризиците од информациската безбедност.
Утврден е недоволен институционален капацитет за управување со информатичката технологија. Од вкупно седум систематизирани позиции во централниот Сектор за информатика, пополнети се само две, односно 28,57% .
Во делот на зголемување на знаењата и вештините на вработените, во последните три години не биле реализирани обуки за ИТ кадарот , а не постои ниту воспоставена и документирана програма за обука заснована на улогите и потребите на вработените.
Ограничените човечки капацитети и недоволното континуирано унапредување на знаењата
претставуваат предизвик за навремено и систематско управување со ИТ и информациската безбедност.
Агенцијата користи интегриран електронски систем за управување со услугите за вработување, кој поддржува повеќе процеси поврзани со евиденции, посредување, активни мерки и исплата на надоместоци. ИТ инфраструктурата ја поддржува работата на централната локација и 29-те центри за вработување низ државата .
Имајќи го предвид значењето на системот за обезбедување на услугите од надлежност на Агенцијата, со ревизијата е утврдена потребата од унапредување на инвестирањето во ИТ ресурсите и обезбедување континуирано одржување на системите.
Во периодот 2020–2025 година , во Агенцијата се реализирани повеќе набавки поврзани со ИТ инфраструктурата, безбедносните системи и комуникациските услуги. Вкупната вредност на реализираните и тековните договори опфатени со анализата изнесува 171.231 илјада денари, односно 2,78 милиони евра . И покрај реализираните инвестиции и набавки, ревизијата утврди дека постојат потреби за дополнително унапредување на ИТ ресурсите и обезбедување континуитет во нивното одржување.
Во анализираниот период, системот 293 дена, односно 15,7% од периодот опфатен со анализата на договорите за превентивно и адаптивно одржување, не бил покриен со договор за одржување.
Утврдени се слабости во управувањето со личните податоци, корисничките пристапи и мрежната безбедност, како и потреба од унапредување на процедурите и контролите за управување со пристапот до информациските ресурси.
Во делот на заштитата на личните податоци, утврдена е потреба од подобрување на механизмите за следење и контрола на пристапот, како и на постапките за чување, архивирање и бришење на податоците согласно законските рокови.
Утврдивме потреба од зајакнување на механизмите за резервно копирање и обновување на
податоците, како и воспоставување и редовно тестирање на планови за континуитет на работењето. Редовното тестирање на можноста за обновување на податоците и воспоставувањето соодветни процедури се значајни за обезбедување континуитет на ИТ услугите и намалување на ризиците во случај на прекин или непредвиден настан.
Исто така, потребно е и унапредување на условите за физичка заштита на ИТ инфраструктурата и обезбедување соодветни мерки за заштита и непречено функционирање на ИТ опремата.
За надминување на утврдените состојби, дадени се препораки за зајакнување на ИТ капацитетите и управувањето со ИТ, унапредување на безбедносните контроли и процедурите, како и подобрување на механизмите за резервно копирање, обновување на податоците и континуитет на работењето. Реализацијата на препораките треба да придонесе кон поефективно управување со ИТ ризиците и обезбедување повисоко ниво на заштита, стабилност и континуитет на информацискиот систем на Агенцијата.
На ден 13.11.2026 година од страна на директорот на Агенцијата достави писмо „Доставување на информации за преземени мерки од Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија по Конечен извештај“ заведен под број 13 – 1044/7 од 05.11.2026 година со кој известува за степенот на преземените мерки по дадените препораки и истиот е прилог на ова соопштение.