Новиот бугарски конзул во Битола ги „хармонизира“ бугарските здруженија

Во Битола има три бугарски здруженија. Сега тие се покоординарни од порано кога меѓу нив имаше ривалство


Бугарските здруженија и бугарскиот конзул на настан во Цапири

 

БИТОЛА – Заедничко полагање цвеќе на историските споменици во Битола на неколкуте бугарски здруженија од градот, во присуство на новиот бугарски генерален конзул во Битола во последниот период, наликува на „неочекувана хармонија“.

Бугарските здруженија навидум се консолидираат, иако во минатото едните практикуваа тврд политичко-историски наратив (кој предизвикуваше значајни тензии во битолската и македонската јавност), додека другите се обидуваа да градат поумерен имиџ преку спорт, хуманитарни акции, образование и вмрежување на млади од Македонија и Бугарија. Во јавноста често се шпекулираше за меѓусебна конкуренција околу наклонетоста и финансиската поддршка на здруженија од официјална Софија и особено од „мецената“ Милен Врабевски, претседател на Фондацијата „Бугарска памет“.

Генералниот конзул на Бугарија во Битола, Петар Петров, стапи на функција на 1 јули, откако бугарската влада предвреме го разреши неговиот претходник, Николај Димитров. Со доаѓањето на дипломатот Петров може да се насети и нова тактика на бугарската дипломатија во Битола.

Конзулот Петров не е многу присутен на јавните случувања во Битола, но откако е во градот на конзулите, барем според јавно објавените настани од страна на бугарските здруженија на едно место ги собира сите здруженија што се декларираат како бугарски, што не беше случај во претходните години.

На два настани во изминатите денови, заеднички ги собира членовите на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ Битола, сега собрани во ново здружение „Една роза“, членовите на здружението „Балкански мост“ и членови на Здружението на „Македонско-бугарско пријателство – Битола“.

На последниот настан во потпелистерското село Цапари гостин беше и бугарскиот амбасадор Жељаско Радуков и други гости од Бугарија. 

Ако претходно доминираа активностите носени од Клубот „Ванчо Михајлов“ и настапите во јавноста на историско-политичка основа, со згаснувањето на ова здружение предводено од Љупчо Георгиевски, полека приматот го земаше здружението „Балкански мост“ на Љупчо Јошевски и Георги Црномаров, кое настапуваше со настани од спортот и со донации низ битолските институции и училиште. Додека пак Здружението „Македонско-бугарско пријателство – Битола“, предводено од  Маринела Петреска, главно беше насочено кон „отворање на патот“ на наши млади да студираат во Бугарија. Членовите на овие здруженија ретко можеа да се видат заедно, а некои воопшто не влегуваа во „комбинација“. Сега генералниот конзул Петров, успева да ги собере на едно место во една фотографија.

Последно бугарските здруженија од Битола објавија дека се собрале во Цапари да оддадат почит на 214 загинати  бугарски офицери и војници за време на Првата светска војна.

Неколку дена претходно во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола каде што е гробот на епископот Григориј Пелагониски, членови на бугарските здруженија во Битола ја одбележаа 120-годишнината од смртта на епископот. Според објавените фотографии генералниот бугарски конзул Петар Петров остава впечаток како да става крај на расцепканоста на бугарските здруженија и како да ги стави под иста „капа“.

Инаку, претходникот на Петров, конзулот Николај Димитров беше повлечен од Генерелниот конзулат во Битола, речиси една и пол години предвреме. Неговиот мандат требаше да биде до април 2027 година. Впечатокот на јавноста беше дека Димитров, иако беше присутен на настаните кои ја одбележуваат конзулската традиција во Битола, тој не беше близок до членовите на клубот „Ванчо Михајлов“. За време на судењето на македонскиот Бугарин Љупчо Георгиевски, екс-претседател на згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ Битола, во Основниот суд во Битола, генералниот конзул Димитров се појави само на последното рочиште кога беа кажани завршните зборови и кога пред судот како поддршка дојде и амабасадорот на Бугарија Жељаско Радуков.