Битолчанецот осомничен за семејно насилство кој избега од станицата низ прозорец денес се предаде на полицијата
Дваесет и четиригодишниот К.У., кој минатата недела избега од полициската станица преку прозорец во Битола додека полицајците се обидувале да го лишат од слобода по пријава за семејно насилство, денеска доброволно се предал во СВР Битола. Неговата 21-годишна партнерка претходно пријавила дека подолг период била изложена на физичко и психичко насилство и закани од негова страна, а по проценка на Центарот за социјална работа била сместена во шелтер-центар.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот денеска во 12 часот доброволно се предал во полицијата, по претходна координација на полициските службеници со неговиот бранител и Основното јавно обвинителство Битола. По предавањето бил лишен од слобода, а со него се врши службен разговор од страна на инспектори од криминалистичката полиција.
Против К.У. на 11 ноември била поднесена кривична пријава за „Загрозување при семејно насилство“ и „Телесна повреда при семејно насилство“, според членовите 144 став 3 и 130 став 2 од Кривичниот законик.
Случајот бил пријавен на 10 ноември, кога 21-годишната битолчанка се обратила во СВР Битола и пријавила дека истиот ден, околу 17 часот, била физички нападната од својот партнер. Според нејзиниот исказ, насилството не било изолиран инцидент, туку траело подолг временски период, при што таа била изложена на физичко и психичко малтретирање и закани.
Осомничениот истата вечер доброволно дошол во полициската станица заедно со еден од своите родители. Но, кога полициските службеници преземале дејствија за да го лишат од слобода, тој избегал преку отворен прозорец од просторијата во која се наоѓал. По бегството, полицијата трагаше по него неколку дена.
Во меѓувреме, девојката била сместена во шелтер-центар по проценка на Центарот за социјална работа. Нејзината мајка јавно реагираше за случајот, барајќи од институциите да преземат мерки и изразувајќи загриженост за безбедноста на нејзината ќерка додека осомничениот бил недостапен за полицијата. Таа посочила дека семејството располага со медицинска документација за повредите, како и со пораки со закани.
Случајот отвори и прашања за постапувањето на институциите по пријавата и околностите под кои осомничениот успеал да избега од полициската станица. Од МВР претходно информираа дека до СВР Битола не била доставена наредба или друг акт од надлежен орган за приведување, лишување од слобода или определување притвор, додека од обвинителството било посочено дека очекувале да бидат известени по завршувањето на разговорот со осомничениот.
Со денешното предавање и лишување од слобода, постапувањето по случајот продолжува. Од МВР соопштуваат дека се преземаат дополнителни мерки и активности во координација со Основното јавно обвинителство Битола.