Руските милијардери сакаат да се обнови „олигархиската република“ од 1990-те

Додека водечките бизнисмени претходно му се обраќаа на Путин со почит, нарекувајќи го „шеф“, „првиот“ или „В.В.“, сега го нарекуваат „дедо“


 

Руските милијардери сметаат дека војната, која ја започна Владимир Путин, ја доведе земјата во ќор-сокак. Иако се плашат да преземат каков било чекор за промена на ситуацијата, тие сепак почнаа да се подготвуваат за она што ќе ѝ се случи на Русија кога, од една или друга причина, тој повеќе нема да биде на власт, пренесува Би-Би-Си. Според експертите кои се во контакт со најбогатите Руси, тие би сакале да го повратат своето влијание и повторно да учествуваат во политиката, како што тоа го правеа во 1990-те години.

Веќе е забележлива промена во ставовите кон Путин, вели Александра Прокопенко, виш истражувач во Берлинскиот центар за руски и евроазиски студии и автор на книгата „Соучесници: Зошто руската елита избра војна“. Додека водечките бизнисмени претходно му се обраќаа со почит, нарекувајќи го „шеф“, „првиот“ или „В.В.“, сега го нарекуваат „дедо“ – при што во тоа се чувствува „доза на презир“, пишува „Москва тајмс“. Според Прокопенко, некои од нив би сакале „политиката да се врати во животот на луѓето“ – со помалку репресии, поголема слобода на говорот и поздрава конкуренција меѓу партиите и политичарите.

Набљудувачите сметаат дека е многу веројатно враќањето кон систем што потсетува на олигархијата од 1990-те. Дмитриј Некрасов, директор на Европскиот центар за анализи и стратегии и поранешен опозициски политичар, верува дека во такво сценарио, со земјата би управувале неколку влијателни елитни кланови, поврзани со деловни интереси.

Според Аркадиј Островски, уредник во „Економист“ и долгогодишен новинар во Русија, некои милијардери се надеваат дека по заминувањето на Путин, земјата ќе се трансформира во „олигархиска република“ – слична на онаа што постоеше во 1990-те години, кога на чело беа деловните елити. Денес, многу од најбогатите луѓе во земјата чувствуваат „целосен ќор-сокак во кој оваа војна ја доведе Русија… чувство дека нема иднина“.

Островски смета дека сензационалното интервју со Андреј Мелниченко, основачот на „Еурохем“ и СУЕК, претставува обид да се излезе од овој ќор-сокак. Написот, посветен на еден од најбогатите луѓе во земјата, беше насловен „Човекот што би можел да ја промени Русија“.

Во заедницата на руските емигранти, статијата и придружната колумна на Мелниченко наидоа на остри критики, меѓу другото и поради повторувањето на аргументите на Кремљ за војната во Украина и конфронтацијата со Западот. Сепак, Островски тврди дека објавениот материјал е резултат на „интензивни и вжештени дискусии“ што ги водел со Мелниченко во хотели и кафулиња, каде што „главно пиеја кафе – многу кафе“. Според новинарот, тајкунот делувал како „сериозно да размислува“ за своите одговори, наместо да се обидува да ги имитира политичарите или да се прикаже во подобро светло.

Зошто фрагментираната Русија е лоша за светот

Иако Мелниченко ги повтори тврдењата на Путин дека Западот го загрозува суверенитетот на Русија и ги игнорира нејзините безбедносни грижи, тој се заложи за промени што би ставиле крај на владеењето на еден човек, како и за поактивно вклучување на Русија во светот. Островски верува дека, и покрај сите оградувања и веројатната согласност на Кремљ за ова интервју, Мелниченко зборувал не само во свое име, туку и во име на своите колеги претприемачи.

Прокопенко смета дека олигархот се обидувал да поттикне јавна дебата. Таа тоа го опиша како „повик до богатите луѓе, како што е тој самиот, да го кренат својот глас“.

Сепак, никој не ја продолжи дискусијата. Милијардерите „би сакале да се вратат во времињата кога некој ги слушаше, кога не им го одземаа имотот и кога ги разбираа правилата на играта“, вели Прокопенко. Но, поради атмосферата што ја создаде Путин во Русија, тие сега се плашат да преземат било што, додава таа. Еден олигарх, за време на разговор со неа, буквално седел врз својот телефон, верувајќи дека уредот е прислушуван:

„Помислив дека тоа е страв од целосно сталинистички тип. Сосема ирационален“.

Американецот Мајкл Калви, основачот на „Баринг восток“ – некогаш еден од најголемите странски инвестициски фондови во Русија – разбира зошто милијардерите молчат. И самиот тој се најде на удар на репресиите на Путин: во 2019 година, Калви и неколку негови колеги беа уапсени под измислени обвиненија за измама. „Што друго можат да направат, освен директно да отидат во затвор и да го загубат својот имот? Лесно им е на луѓето што седат во Лондон да речат: ’Зошто едноставно не станете и не отидете право во затвор?‘. Токму тоа и би се случило“, вели Калви.

Според Некрасов, некои од нив веќе „се обидуваат да се спријателат со одредени разузнавачки службеници или министри“, надевајќи се дека ќе ја обезбедат нивната поддршка по смртта на Путин. Но, какви било понатамошни чекори се „премногу опасни“, додава тој, како што шишува „Москва тајмс“.

Некрасов смета дека однесувањето на најбогатите бизнисмени во наредните години делумно ќе зависи од нивната финансиска состојба. Оние што располагаат со значителни ликвидни средства ќе бидат посигурни во „учеството во политичките игри“ и во борбата за влијание, подготвувајќи се за животот во Русија по ерата на Путин. Од друга страна, оние чие богатство зависи од државни договори или од привилегиран статус, ќе продолжат да молчат, плашејќи се дека ќе изгубат сè.