Украина го нападна Кримскиот мост
Украинските сили го нападнаа Крисмскиот мост во текот на ноќта на 16 ноември, соопшти Сергеј Аксјонов, шефот на Крим назначен од Москва. „Непријателот го нападна Кримскиот мост. Поради ова, сообраќајот ќе биде ограничен приближно до пладне“, напиша тој на Телеграм. Аксјонов исто така најави формирање на оперативен штаб.
Според каналот „Кримски мост: Оперативни информации“, сообраќајот на мостот бил блокиран околу 02,22 часот по московско време. Украинскиот мониторинг-ресурс „Кримски ветер“, повикувајќи се на локални жители, извести за напади со дронови и експлозии во Керч. Еден од претплатниците на каналот тврдеше дека мостот бил погоден „околу 06 часот наутро“. И други јавни групи за следење на настаните известија за нападот врз Кримскиот мост, повикувајќи се на очевидци.
Z-блогер со прекар „Тринаесетти“, повикувајќи се на локални жители, исто така пишуваше за „погодување на Керченскиот мост“. „Информациите за последиците и можната штета се утврдуваат. Очекуваме дополнителни детали“, се вели во објавата.
Според „Маш“, боева глава од едно од беспилотните летала паднала врз десниот лак на мостот, од страната на Крим. Наводно, нападот предизвикал „навалување на лакот за приближно 15 степени“.
Четири воза кон Крим доцнат поради затворањето на мостот, пренесува Интерфакс, повикувајќи се на претставник на компанијата „Гранд сервис експрес“ , која управува со патничкиот железнички сообраќај кон полуостровот. „Времето на патување може да се промени. Железничките оператори ќе ги известат патниците за очекуваното време на пристигнување на станицата штом ќе бидат достапни информации“, се наведува во соопштението на компанијата.
Од почетокот на војната, украинските сили двапати сериозно го оштетија Кримскиот мост: во октомври 2022 година и во јули 2023 година. Понатаму, во јуни 2025 година, Службата за безбедност на Украина извести за подводна експлозија во близина на потпорните столбови на мостот.