Хутите тврдат дека извршиле напади врз Ријад и врз нафтоводот „Исток-Запад“
Сана – Јеменските бунтовници Хути вечерва истрелале две балистички ракети кон аеродромот и финансискиот центар во главниот град на Саудиска Арабија, Ријад.
Кратко време по првата објава, Хутите соопштија и дека со два дрона го погодиле нафтоводот „Исток-Запад“ во близина на Ријад.
Саудиска Арабија сè уште не се огласила по повод тврдењата на Хутите.
Нафтоводот „Исток-Запад“ ги поврзува нафтените полиња во источниот дел на Саудиска Арабија со извозните терминали и рафинериите во градот Јанбу на брегот на Црвеното Море. Нафтоводот поминува низ централниот дел на Арабискиот Полуостров и овозможува извоз на сурова нафта преку Црвеното Море, избегнувајќи ги поморските ризици и блокади во Персискиот Залив и Ормуската Теснина.
Низ нафтоводот долг 1.201 километар, според саудиски официјални податоци се транспортира од 5,8 до седум милиони барели нафта дневно.