Израелската опозиција го обвинува Нетанјаху за обид за државен удар
Двајца израелски опозициски лидери го обвинија Бенјамин Нетанјаху за обид за „државен удар“ откако во печатот се појавија обвинувања дека помошниците на премиерот во заминување ги манипулирале изборите на штета на арапските партии.
„Како што се појавуваат нови детали, едно станува јасно: ова не беше обид за нарушување на изборите. Тоа беше обид за државен удар“, напиша Јаир Лапид, лидерот на опозицијата во претходниот состав на парламентот, денеска на Икс.
Обидот за „државен удар“ беше осуден и од шефот на Заедничката листа, главната израелска политичка формација со арапско мнозинство.
„Доколку овие написи се покажат како вистинити, тогаш тоа ќе биде криминална операција воспоставена во самото срце на владата за фалсификување на резултатите од изборите. Секој што ќе биде прогласен за одговорен ќе биде повикан на одговорност, вклучително и Нетанјаху“, напиша Јусеф Џабарин на Икс.
Канал 12 синоќа објави дека пред изборите на 27 октомври, Идо Норден, шеф на кабинет на Нетанјаху, доставил жалба до началникот на полицијата за активисти од Раам, друга арапска партија.
Норден ги упатил полицајците кон наводен разузнавачки извор кој, според Канал 12, всушност бил поранешен вработен во кабинетот на премиерот.
Според изворот, тројца членови на Раам биле уапсени на денот на изборите, осомничени за обид за купување гласови, а таборот на Нетанјаху потоа ги обвини арапските партии за изборна измама.
Кабинетот на Нетанјаху го нарече извештајот „лажен“, велејќи дека Норден „ја исполнил својата граѓанска должност“ со поврзување на изворот со полицијата.
Левичарскиот израелски дневен весник „Хаарец“ вчера објави дека Давид Зини, шефот на израелската служба за внатрешна безбедност „Шин Бет“, се обидел да ги прислушкува лидерите на Заедничката листа непосредно пред изборите.
Меѓутоа, неговото барање било одбиено од државниот обвинител поради недоволно докази за да се оправда таквата мерка, според „Хаарец“.
Центристот Гади Ајзенкот, моментално задолжен за формирање влада по изборите на кои не беше даден јасен победник, повика на „итна истрага за овој случај“.