„Охридско лето“ се сели во Скопје: Концерт со полските виртуози Патира и Курек во Филхармонија
„Охридско лето“ ја продолжува традицијата на организирање концертни настани и надвор од своите редовни фестивалски денови налето. По концертите реализирани минатата година, Националната установа и оваа година подготвува три музички средби со реномирани уметници од меѓународната сцена, со кои ја продолжува својата концертна дејност и ја одржува врската со публиката во текот на целата година.
Првиот концерт ќе се одржи на 17 ноември, во 20 часот, во Камерната сала на Македонската филхармонија, каде што ќе настапат виртуозниот полски виолинист Мариуш Патира и истакнатиот пијанист Радослав Курек.

Патира е добитник на главната награда на престижниот Меѓународен виолински натпревар „Николо Паганини“ во 2001 година, како прв полски виолинист кому му припаднало ова признание. Настапувал низ Европа, Јапонија, САД и Мексико, а во последните години освоил и значајни признанија на меѓународни натпревари.
Курек е истакнат пијанист и камерен музичар, добитник на наградата „Бриџит Дулан“ за најдобра изведба на дело од Моцарт на натпреварот во Даблин, како и на главната награда на Меѓународниот натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија. Настапувал на концертни сцени во Европа, Америка, Азија и Африка.