„Сестра, брат и шахта“ на Манчевски го освои и Каиро
По триумфот во Токио, каде „Сестра, брат и шахта“, новиот филм на режисерот Милчо Манчевски победи, освојувајќи ја главната награда Гран При на Гувернерот на Токио и предизвика лавина пофалби во светските медиуми, синоќа филмот доживеа извонреден прием и на 47. Меѓународен филмски фестивал во Каиро. Филмот беше прикажан во Официјалната селекција, надвор од конкуренција, затоа што веќе се натпреваруваше во Токио.
Во легендарната Каирска опера, публиката бурно реагираше за време на филмот, се смееше и имаше емотивни реакции. Финалниот аплауз беше заглушувачки, а разговорот со публиката по проекцијата, кој го водеше програмерката Меги Морган, траеше до доцна во ноќта, за потоа Манчевски да продолжи да дава автограми и селфија надвор од салата, и серија интервјуа за египетските и светски медиуми. На проекцијата присуствуваа и најзначајните египетски критичари, како и критичарката на Холивуд репортер.

Овие медиумски одгласи се надоврзуваат на бројните пофалби и интервјуа за филмот по триумфот во Токио. Интервјуа објавија и „Холивуд репортер“, „Variety“, „Deadline “, британскиот „Eye on Cinema“….Светската критиката го издвојува неговиот бескомпромисен режисерски пристап, жанровска иновација и извонредна актерската игра, која на оваа црна комедија и социјална критика ѝ дава човечко лице.
Ова е негов деветти долгометражен игран филм. Во 2026 година тој го реализираше и долгометражниот документарен филм „Добри луѓе“ за трагедијата во Кочани, кој самиот го финансираше. Приходите од овој документарец во целост одат за жртвите во Кочани. Со ова во иста година тој претстави два филма пред меѓународната публика.

Главните улоги ги играат Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.
Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е Стефано Фаливене од Италија. Монтажер на филмот е Благоја Неделковски, а автор на музиката Игор Василев Новоградска. Кастинг директорка е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, а шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев.
Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.