„Танец“ на турнеја во Малта, македонскиот фолклор на сцената на „St. Vincent De Paul theatre“


Националната установа Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“ продолжува со својата меѓународна мисија за презентација и чување на македонското културно наследство. Денеска ансамблот ќе одржи целовечерен концерт во престижната сала„St. Vincent de Paul Theatre“ во Лука, Малта – инфомираат од ансамблот.

Подиумските уметници, хорот и оркестарот на „Танец“ ќе претстават репрезентативна програма од антологиски кореографии, изворни ора инародни песни. Концертот ќе опфати дел од најпрепознатливите бисери на македонското фолклорно творештво, истакнувајќи ги богатството на ритмите, изворните носии и автентичниот музички израз кои со децении го воодушевуваат светот.

-Патувањето во Малта е уште еден значаен чекор во нашата меѓународна агенда за поврзување на нашата дијаспора со корените, но и за промовирање на македонскиот културен идентитет пред европската публика. Горди сме што преку моќта на ритамот и песната ја пренесуваме долгата традиција и енергијата на нашиот народ – велат од раководството на НУ „Танец“.

Гостувањето во Малта претставува дел од редовната меѓународна активност на ансамблот во насока на промоција на македонското културно наследство на светските сцени.